Во декемвриската листа на УЈП, според податоците на „Таргет Груп“ регистрирани се 1 994 компании кои должат по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, царини и акцизи, пишува Аналитика.
Најголем дел од компаниите кои имаат долгови кон државата се концентрирани со Скопскиот плански регион, а вкупниот износ на долг генериран во овој регион изнесува 115 милиони евра.
Вкупниот долг на компаниите по земјава по основ на „државни давачки“ во последниот месец од лани изнесува 172 милиони евра. Анализата на податоците покажува дека најголем дел од долгот или 107,6 милиони евра е по основ на неплатен ДДВ, а според износот на долгот предничат и обврските по основ на данок на добивка и персоналниот данок на доход.
Најголем дел или 43% од компаниите – должници се концентрирани во Скопскиот регион, каде има 865 фирми со регистрирани долгови по основ на давачки кон државата во износ од 115 милиони евра. Во Југоисточниот регион има 263 фирми со обврски од 10 милиони евра, во Вардарскиот регион има 198 компании со обврски по основ на давачки во износ 9,5 милиони евра, во Југозападниот регион се лоцирани 173 компании кои должат на државата скоро 11 милиони евра, во Полошкиот има 142 фирми со регистриран долг од 11,7 милиони евра. На последните три места според бројот на компании – должници се Пелагонискиот регион каде има 136 фирми, Источниот плански регион со 106 фирми и Североисточниот регион со 93 компании – должници на државата. Податоците покажуваат дека одредени плански региони се водечки според бројот на фирми-должници, но не и според износот на долгот што го имаат.
Профил на компании – должници
Компании од енергетскиот сектор, трговијата, производството, но и Јавни претпријатија се вбројуваат во листата на десет најголеми должници на државата по основ на даноци, давачки на плата, акцизи, царини.
На прво место според висината на долгот е друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД-Скопје, фирма која на крајот од декември 2019 та година има долг од 20,1 милиони евра со што целиот износ отпаѓа на неплатен данок на добивка.
На второ место според вкупниот долг е друштвото за производство,трговија и услуги ЕЛ ДОН КАСТИЛЛО Ангел ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, компанија која долги години е на оваа должничка листа со 7,6 милиони евра долг кој речиси целосно е по основ на неплатен ДДВ, а незначителен износ и по основ на данок на добивка.
Друштвото за производство и трговија ИНДУСТРИЈА ЕЛ АЗТЕКА ДОО Скопје со вкупен износ на долг од 7,6 милиони евра, и речиси сите по основ на ДДВ е на третото место на должничката листа.
На четврто место со исто така должничкиот износ од 7,6 милиони евра, речиси сите за неплатен ДДВ е друштвото за производство и трговија МОТОР КОАЧ ИНДУСТРИЈА ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДОО Скопје.