СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Костадиноска-Милошеска: Неразумна е идејата за зголемување на даноците кога има простор за кратење на непродуктивните расходи

Економистите не го делат мислењето на академиците дека треба да се зголемат даноците за да се спаси економијата. За нив ваквата идеја е неразумна кога како што велат, има простор за кратење на јавните расходи и зголемување на приходите преку подобра наплата и намалување на сивата економија во земјата.

„Потребата од поодговорно трошење на овие средства е евидентна кога секојдневно слушаме за секакви големи набавки во разни јавни органи кои се непотребни, предимензионирани или несоодветни за пандемиски кризни услови. Корупцијата ја јаде силно економијата. Од друга страна, стопанството во поголемиот број сектори, создавачи на доходот, е во тешка состојбавели во интервју за „Стандард“ проф.др.Снежана Костадиноска Милошеска од Економскиот институт при УКИМ.

За раст на БДП мора да се зголемат инвестициите, потрошувачката и побарувачката за што вели таа,потребна е фискална консолидација, редизајнирање на буџетската политика и стратегија за еконосмко заздравување.Во услови на добра наплата на приходите и подобрувањ ена економските индикатори не очекува дека ќе се издаде уште една еврообврзница или дека ќе има ребаланс на буџетот.Во однос на очекувањата дека производството од Азија ќе се врати во Европа и ќе донесе странски инвестиции , професорката Костадиноска има резерва – се плашам , вели таа, дека нема да има доволно работна сила потребна за странските капацитети.

„Инфлацијата е привремена и постои можност да се намали во втората половина од годинава, изјави деновиве ММФ. Нагорниот тренд на цените на речиси сите прехрамбени продукти предизвика загриженост кај граѓаните дека ќе се прелее и на останатите цени. Дали инфлацијата треба да не плаши и дали постои можност од раст на сиромаштијата?

-Инфлацијата не треба да не загрижува зошто Централните банки денес имаат алатки и брзо се справуваат со неа. Нагорниот тренд на цените на прехранбените продукти произлегува од светските берзански состојби кои се од привремен карактер. Овој тренд не треба да не плаши, иако краткорочно е неповолен за животниот стандард на населението. Но, опасноста од раст на сиромаштијата.

Академиците излегоа со став дека треба да се зголемат даноците и да се скратат владините трошења што е во насока на преораките на ММФ.Дали сметате дека тоа ќе ја спаси економијата и дека ќе доведе до раст на БДП?

-Простор за кратење на непродуктивните буџетски расходи има голем во сите категории – плати и надоместоци, стоки и услуги, трансфери. Факт е дека јавната администрација е обемна, а не ги задоволува потребите на стопанството и граѓаните. Потребата од поодговорно трошење на овие средства е евидентна кога секојдневно слушаме за секакви големи набавки во разни јавни органи кои се непотребни, предимензионирани или несоодветни за пандемиски кризни услови. Корупцијата ја јаде силно економијата. Од друга страна, стопанството во поголемиот број сектори, создавачи на доходот, е во тешка состојба. Ми се чини неразумна идејата за зголемување на даноците кога има простор за кратење и одговорно трошење на јавните расходи и зголемување на јавните приходи преку нивна подобра наплата и значително намалување на сивата економија во земјата. За раст на БДП мора да се зголемат инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка. За тоа треба да се спроведе планираната фискална консолидација, редизајнирањето на буџетската политика и Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth).

Најважно е Владата да не отстапува од имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина,  предвидени со Планот за јавни инвестиции за периодот 2021-2025. Треба да имаме предвид дека со овој план се “планираат капитални проекти во вкупен износ од 3,1 милијарди евра, од кои со буџетски средства би се финансирале 1,16 милијарди евра, од донации (преку ИПА фондови) 112,8 милиони евра, а со средства од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори капиталните инвестиции би се финансирале со износ од 1,84 милијари евра“.

Како да се скроти растот на јавниот долг а притоа економијата да функционира? Дали очекувате ребаланс на буџетот и издавање на нова еврообврзница?

-Според СТРАТЕГИЈА ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ЈАВНИОТ ДОЛГ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 2021-2023 (со изгледи до 2025), од декември 2020 година, лимитот на јавниот долг, со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост на среден и долг рок е поставен на 60 % од БДП. Отстапки над тоа се предвидуваат заради Пандемијата од КОВИД-19. Според последниот јавно објавен податок состојбата на јавниот долг, заклучно со 31.3.2021 година изнесува 62,5%. Со оглед на тоа дека од почетокот на годината беше издадена 7-та Еврообврзница, во износ од 700 милиони евра, со која се отплати  Еврообврзницата издадена во 2014 година во вредност од 500 милиони евра, во услови на добра наплата на јавните приходи и подобрување на општите економски индикатори, не би требало да дојде до издавање на нова еврообврзница и до ребаланас на Буџетот за 2021 година. Очекуваме имплементирање на капиталните инвестиции со цел поголемо динамизирање на стопанството и остварување на поголем раст и постепена фискална консолидација .

Што мислите, дали и каква корист ќе има македонска економија доколку навистина производството од Азија се врати во Европа?Дали тоа ќе донесе повеќе странски инвестиции во услови кога бавно се одвиваат реформите во образованието и во транспортната инфраструктура?

-Македонската економија би требало да има корист од тоа и да привлече странски инвеститори, но се плашам дека нема да има доволно работна сила потребна за странските капацитети.

Анализата на институтот Фајненс тхинк покажа аномалии во државната стратегија за поддршка на инвестициите на домашните компании, односно дека се добиваат половични резултати и во делот на инвестициите и кај профитот и платите.Каков е вашиот став во однос на шесте пакети мерки? Дали ке треба и седми и каков пост ковид период очекувате?

-Шесте пакети мерки влијаеја кон ублажување на последиците на пандемијата врз пазарот на трудот, ликвидноста на претпријатијата, поддршка на ранливите категории на население. Инаку четирите пакети на мерки воспоставени во текот на 2020 и почетокот на 2021 година беа преекстензивни, несоодветни и недоволно ефикасни. Особено вториот пакет на мерки во кој беа вклучени ваучери за различни намени и слоеви од населението во предизборието, воочи вонредните Парламентарни избори оджани во м.јули 2020 година, кои беа оценети повеќе како предизборен поткуп.

Првичната проценка беше дека четирите пакети на антикризни мерки ќе тежaт над 1 милијарда евра, но за нивната реализација досега нема точни бројки, освен полемики во стручната јавност дека тие реално изнесуваат околу 350 милиони евра. Слабата реализација се објаснува со неколку причини. Прво, на слабиот институционален одговор. Потоа на неповолните услови за нивно користење (како на пр. обврската за нивно враќање и сл.) и други непогодности врзани за мерките. Од Организацијата на работодавачи, се незадоволни од владините мерки и бараат построги и посоодветни критериуми за претпријатијата кои ќе конкурираат за државна помош. Најценета мерка од нивна страна е субвенијата за плати, која ја користеле 117.000 вработени, а дека благодарение на оваа мерка мал е бројот на отпуштања.

После сериозни анализи за ефектите од државната поддршка, би требало  да има уште еден Седми и корективен пакет на мерки до целосно отворање на економијата, за сите сектори, што е најавено со оглед на подобрување на здравствената состојба во земјата и поголемото ниво на вакцинација на населението за почетокот на јуни.

 К.В.С.

Поврзани вести

Заработка од 1,7 милиони долари лани од извоз на камиони

Stefanija Kuzmanovska

Лукаревска: Им помагаме на компаниите и на вработените, заедно ги санираме економските последици

Владата не се согласува со барањата на угостителите да се дозволи организирање свадби и веселби

Влатко Зорба