Владата на вчерашната седница донесе одлука за нова дополнителна субвенција за килограм предадено грозје во регистрирани винарници. Висината на дополнителната субвенција оваа година ќе биде 2 денари за килограм и дополнително проширена. Конкретно, субвенцијата ќе биде наменета не само за винските сорти вранец и смедеревка, туку и за сортите кратошија, станушина, бургундец црн, жилавка и кадарка од реколта 2019.
Измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година односно моделот за оваа дополнителна субвенција е донесен по повеќето разговори и консултации коишто Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги имаше со производителите на грозје, но и поради проблемите коишто тие ги имаа со цената за килограм винско грозје од сушата која што го намали приносот на грозје од реколта 2019 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделците кои имаат површини под лозови насади и остварено производство од сортите смедеревка, вранец, картошија, станушина, бургундец црн, жилавка и кадарка од реколта 2019 година и да е предадено во регистрирани капацитети за производство на вино во Република Северна Македонија.
На овој начин со новата дополнителна субвенција од 2 денари за килограм предадено грозје, се очекува да се намалат загубите на производителите на винско грозје.
Дополнително, на вчерашната владина седница се усвоија измените на Уредбата за поблиски критериуми за директни плаќања, со коишто се продолжува рокот за поднесување на барања за субвенции за произведено и продадено кравјо, козјо и овчо млеко, како и за амортизирани несилки заклани во регистрирани кланични капацитети. Односно наместо до 5-ти ноемрви, сточарите за овие мерки ќе можат да конкурираат до 22 –ри ноември 2019 година Продолжувањето на роковите е поради тоа што во дадените рокови земјоделските стопанства не беа во можност да ги остварат своите права за финансиска поддршка по овие подмерки.