СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

МЕПСО потпиша договори за изградба на далекуводот Битола-Елбасан и ТС Охрид

Националниот електропреносен систем оператор АД МЕПСО денеска потпиша два договора во Владата вредни 35 милиони евра со „Енергоинвест“ од Сараево и „Кончар“ од Загреб за изградба на 400 киловолтен далекувод од Трафостаницата Битола 2 до македонско-албанската граница и за изградба на 400/110 киловолтна трафостаница во Охрид и проширување на трафостаницата Битола 2.

За договорот со изведувачот „Енергоинвест“ за изградба на 400 киловолтниот далекувод се обезбедени 17,22 милиони со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и грант од Western Balkans
Investment Fund (WBIF). За трафостаниците во Охрид и Битола изведувач ќе биде „Кончар“, а вредноста на инвестицијата изнесува 16,95 милиони евра, средства обезбедени, исто така, со заем од ЕБОР и WBIF.

-Со изградба на 400 киловолтен далекувод од Трафостаницата Битола 2 до македонско-албанската граница, електропреносниот систем ќе се поврзе со електропреносниот систем на Република Албанија, како последна земја од регионот со која нашата земја досега немаше електроенергетска врска. Овој далекувод е дел од Коридорот 8 и ќе значи транзит на електрична енергија од Бугарија, преку Македонија до Албанија, и понатаму до Италија преку подводен кабел, рече генералната директорка на МЕПСО Ева Шуклева.

Регионалното поврзување на електропреносните системи, додаде, е долгорочен стратешки интерес за
секоја држава.

-Врските со соседите значат електроенергетска стабилност – основа за секоја просперитента економија. АД МЕПСО како национален електропреносниот систем оператор треба да обезбеди доверлив и стабилен систем. Нашата задача е во континуитет да обезбедуваме доверлив и стабилен систем, баланс меѓу потрошувачката и производството на електрична енергија во секој момент. И тоа да го усогласуваме со соседните систем-оператори. За реализирање на нашите стратешки определби, денес потпишавме два исклучително значајни договори за два капитални проекти, рече Шуклева.

Новата трансформаторска станица, потенцира, ќе ги задоволи потребите на Охрид и регионот за наредните триесетина години.

-Со оваа инвестиција ќе одговориме на сите идни предизвици од аспект на зголемување на конзумот и нови приклучоци и ќе испратиме сигнал за потенцијалните домашни и странски инвеститори дека ќе добијат услови за снабдување со квалитетна електрична енергија, посочи Шуклева.

Премиерот Оливер Спасовски нагласи дека МЕПСО во континуитет вложува во преносната мрежа и го надградува системот.

-Во овие два проекти ќе вложи 35 милиони евра, а веќе има отворени инвестициски проекти во модернизација на трафостаници и изградба на нови 110 киловолтни далекуводи вредни над 30 милиони евра. Овие големи и исклучително значајни капитални проекти, кои ги реализираме со поддршка на Европската банка за обнова и развој, овозможуваат енергетско поврзување меѓу Северна Македонија и Албанија. Тоа значи дека електро-енергетските преносни системи на овие наши пријателски земји ќе бидат поврзани и ќе се стекнат со можност да се надополнуваат едни со други секогаш кога за тоа ќе има потреба, рече Спасовски.

Во целиот овој процес, додаде, МЕПСО е клучната алка бидејќи ги поврзува производителите, потрошувачите и дистрибутивните системи, а во исто време ја разменува електричната енергија со системите на соседните држави.

-Енергетската инфраструктура обезбедува квалитетно и непрекинато снабдување со електрична енергија на стопанството, кое е еден од клучните предуслови за економски раст и развој. Го подигнуваме степенот на доверливост на работењето на електроенергетските системи за да ја подобриме продуктивноста, да привлечеме повеќе инвеститори како домашни, така и странски, за да ја зголемиме конкурентноста, за сите да живееме и поквалитетно и подобро, посочи Спасовски.

Без да се инвестира во енергетскиот сектор, рече, не можеме да зборуваме за раст и развој. Без вложување во модернизација на електромрежата, не може да се зборува за просперитетна држава, за систем што создава подеднакви услови за сите.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции во електроперносниот систем на земјава е од круцијално значење за стабилен енергетски систем, а со тоа и стимулирање на целокупниот економски раст.

-Фактот што со оваа инвестиција за првпат ќе го поврземе нашиот преносен систем со Албанија ја потврдува стратешката заложба за стабилен енергетски систем, додека со изградбата на новата трансформаторска станица кај Охрид ќе се надминат проблемите во југозападниот дел од преносната мрежа, рече Сугарески.

Тој потнцира дека во меѓувреме активно се работи и на изградба на нов далекувод од Штип до Пробиштип, а во следната фаза, најави, ќе се градат нови 110 километри далекуводи со цел да се заменат старите со нови и да се обезбеди квалитетна мрежа која ќе трае со децении.

Бисера Хаџиаљевиќ од „Енергоинвест“ посочи дека договорот со МЕПСО ќе биде добра можност за босанската компанија да ги докаже своите способности кои се добро познати од порано.

-Сигурна сум дека ќе завршиме добра работа и ќе дадеме придонес во развојот на преносната мрежа на МЕПСО во Македонија. „Енергоинвест“ долги години беше лидер во оваа индустрија, особено во периодот кога живеевме во заедничка држава, но ве уверувам дека и денеска продолжуваме со истиот начин на работа и имаме реализирано неколку слични проекти во Алжир, Либија, Танзанија, Етиопија, Црна Гора, Албанија, БиХ, а сега и во Македонија, рече Хаџиаљевиќ.

Гордан Колак од Кончар истакна дека потпишувањето на денешните договори не е значајно само за земјава, туку и за регионот.

-Кончар е светски позната компанија која во моментов работи во повеќе од 110 земји ширум светот на сите континенти. Сепак, за Кончар е најбитно да биде добродојден во регионот и во земјите како Македонија, БиХ и останатите кои беа дел од нашата поранешна заедничка држава. Денеска добиваме можност да работиме на еден многу важен проект за Македонија и за регионот и Ве уверувам дека Кончар ќе стори се за да испорача добар производ, рече Колак.

Претставникот на ЕБОР Анди Аранитаси потенцира дека за новото интерконективно поврзување со Албанија ЕБОР му даде кредит од 37 милиони евра на МЕПСО, а обезбеди и грант од 12 милиони евра од WBIF.

-Проектот ќе го обезбеди финалниот линк што недостигаше на еклектропреносниот коридор меѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија, Црна Горора и Италија и ќе одигра голема улога за развој на регионалниот пазар и поголемо искористување на обновливите извори на енергија со фокус на соларната енергија, рече Аранитаси.

Поврзани вести

На пролет ќе стартуваат изградбите на секундарните и терцијалните мрежи на гасоводот во сите поголеми македонски градови

Влатко Зорба

Собранието ќе расправа за ребалансот на Буџетот

Берта Китинска

УМКТАД: Очекуваме растот на светската економија да забави под два проценти оваа година, што ќе чини околу 1,0 трилиони долари