Стандард
ЕКОНОМИЈА

ММФ: Монетарната политика на С.Македонија соодветна, банкарскиот систем здрав

Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, потврдено е во Извештајот за Република Северна Македонија за 2019 година, што го објави Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Објавувањето, како што појаснуваат во соопштение од Народната банка, на овој извештај е финално заокружување на оцените од редовниот годишен преглед на македонската економија спроведен во ноември минатата година, според член 4 од Статутот на ММФ.

ММФ бележи дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку понатамошно намалување на основната каматна стапка. Како клучни фактори што придонесуваат за олабавување на монетарната политика се издвоени ниската инфлација, солидниот раст на депозитите и поволните движења на девизниот пазар.

Банкарскиот систем, според оцените на ММФ, е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Кредитниот раст е солиден, а нефункционалните пласмани и натаму се на релативно ниско ниво. Во Извештајот е истакнато и дека преземањето чекори за натамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно осмислените мерки за намалување на девизното кредитирање на домаќинствата, доколку е тоа потребно, ќе придонесе за натамошно зајакнување на отпорноста на нашиот финансиски систем.

ММФ нагласува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет. Притоа е изнесена позитивна оцена за продолжувањето на активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка, преземени во согласност со Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (ФСАП) којашто беше спроведена во 2018 година. Како што заклучува ММФ, истовремено се подготвува и регулатива со која ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.

Поврзани вести

ИВАП бара вклучување во петтиот пакет мерки: „Нашите бизниси се пред колапс“

Влатко Зорба

Нема ништо бесплатно: Потрошувачите да внимаваат при купување производи надвор од деловниот објект

Берта Китинска

Влада: Во тек е исплатата на еднократната финансиска помош 6.000 денари

Берта Китинска
error: Превземањето на содржина без дозвола од авторот е дело казниво со закон!!!