Стандард
ЕКОНОМИЈА

Пет угостителски објекти и 60 кафемати се затворени при инспекциските надзори

Пет угостителски објекти и 60 кафемати на бензински пумпи во Скопје, Тетово, Битола и Куманово се затворени при инспекциските надзори спроведени во периодот од 9 до 13 април. Изречена е и една глоба за пуштање во промет на производ со поминат рок, како и седум решенија и девет укажувања за работодавачи кои не ги почитувале мерките на Владата.

Директорката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашковска денеска на прес-конференција во Владата информираше дека во овој период спроведени се вкупно 1.319 надзори од кои 514 од страна на Пазарниот инспекторат.

Генерално, како што посочи Филиповска-Грашкоска, се почитуваат одлуките и за замрзнатите цени на одредени производи, а онаму каде што е забележано зголемување наложено им е на субјектите да ги вратат цените од 11 март.

– Инспекциските служби продолжуваат со сите свои капацитети да работат на терен. Сите нерегуларности и непочитувања на владините мерки ќе бидат санкционирани без исклучок. Сепак станува збор за мерки за да ги заштити животот и здравјето на сите нас, истакна Филиповска-Грашкоска.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведени се 162 надзора во повеќе градови низ државата при што изречени се две мерки поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храната. Издадени се и 19 решенија за констатирана лоша општа хигиена при што се задолжени субјектите да преземат активности за дезинфекција на објектите, а изречена е и една глоба за пуштање во промет на производ со поминат рок.

Државниот инспекторат за труд во овој период спровел 446 контроли. Поголемиот дел од овие надзори се поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до десет години, самохран родител, бремени жени и хронично болни.

Во делот на трнспортот спроведени се 85 надзори при што е утврдено дека меѓуопштинскиот превоз на патници се уште се редуцира, односно е намален за 95 проценти, а од увидот на автобуските станици во различни градови низ државата утврдено е дека се почитува владината одлука да се врши превоз на патници со намален капацитет до 50 проценти. Во однос на меѓународниот линиски превоз на патници констатирано е дека тој се уште во целосен прекин.

Контролите на Агенцијата за лекови покажале дека генерално секторот ги почитува мерките и препораките на Владата односно се одржува ред во аптеките, се дозволува влез на ограничен број лица во аптеките, а цените се согласно одлуките донесени од страна на Владата.

Поврзани вести

Јосифовски по средбата во Владата: Првиот чекор кон доброто за угостителската индустрија го направивме

Влатко Зорба

Увозниците на половни возила ги кажаа забелешките за Законот за данок на моторни возила

Зголемени цените на индустриските производи на домашниот пазар

Влатко Зорба