На македонските мали и средни компании им недостасуваат соодветни сертификати, квалитет, опрема и технологија за поуспешно да се вклучат во синџирот на добавувачи на директните странски инвестиции во земјава, а некаде е проблем и цената на производите што ги нудат и времето на нивната испорака.
Ова се дел од главните заклучоци на двегодишниот проект „Зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори InComSMEs“ што го спроведуваат Машинскиот факултет од Скопје, Стопанската комора на Македонија и Техничкиот универзитет од Виена, а чија завршна конференција ќе се одржи в среда.
„Повеќето од домашни компании кои покажаа интерес за проектот беа успешни и претходно, а се надеваме дека шесте што беа избрани ќе бидат малку поуспешни по неговото спроведување. Сите шест компании се од металопреработувачката и автомобилската индустрија, неколку од нив веќе беа во преговори за иницијална соработка со странските инвестиции, а дел од нив првично воспоставија контакт преку проектот. Решението дали ќе бидат вклучени во синџирот на добавувачи не се носи во претставништвото на странските компании во земјава, туку во централата, а има и случаи каде клиентот на странскиот инвеститор треба да одобри наша домашна компанија како добавувач“, рече Миновски на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија и додаде дека процесот е долготраен и е неопходна сериозна посветеност за да се успее.
Во проектот како практиканти биле вклучени и студенти од Машинскиот факултет во Скопје, кои, според професорот Миновски, ќе претставуваат еден од стожерите за продолжување на проектот и по неговото истекување преку стекнатото знаење што ќе можат да го применат во компаниите.
„Тоа е непроценливо искуство за нив, бидејќи учествуваа во реална имплементација на проекти, а некои од нив веројатно ќе го пронајдат своето работно место во некоја од компаниите и ќе можат да ја продолжат приказната. Со нас го поминаа патот, обучени се, паметни се и знаат. Се надевам дека поголем дел од нив ќе се решат да останат тука, а некои, пак, за жал ќе го пренесат своето искуство некаде на друго место“, потенцира Миновски и посочи дека огромен дел од студентите биле заинтересирани за партиципација во проектот.
Проф. д-р Бојан Јованоски од Машинскиот факултет посочи дека до шесте компании се дојде со темелна анализа направена според барањата на странските инвеститори што им е потребно и што бараат од своите партнери и добавувачи.
„На тие барања 97 македонски компании одговорија што и како можат да ги задоволат странските инвеститори. Потоа организиравме преку 100 Б2Б средби во Стопанската комора на Македонија меѓу странските инвеститори и домашните компании. Од нив имаше директен фидбек од странските инвеститори колку е поволна соработката со потенцијалната македонска компанија и врз основа на анализите беа извршени директни скенирања во повеќе од 30 компании лани во јуни од тимови од Машинскиот факултет и Стопанската комора. Врз основа на скенирањата се дефинираа шест дводневни обуки за подобрување на перформансите во оние сегменти кои беа потребни кај домашните компании“, рече Јованоски.