На веб страната „kupuvamdomasno.gov.mk“, 8 дена откако законот ќе се објави во Службен весник ќе бидат објавени имињата на лицата кои ќе добијат државна помош од четвртиот пакет мерки.
По 6.000 денари ќе легнат на трансакциските сметки на пасивните баратели на работа, пензиониерите кои месечно земале пензија до 15 илјади денари, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади од 16 до 29 години кои не добија пари со претходната мерка, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, естрадните уметници, филмските работници, како и на граѓаните кои имаат блокирани сметки.
Предлог текстот на законот, се уште не е ставен на дневен ред за гласање ниту наредната недела, а парите треба да се потрошат до 25ти декември.
Откако ќе биде изгласан законот ќе бидат избрани банки од кои ќе може да се користат парите и да се отворат сметки, воедно ќе бидат избрани и трговци каде ќе можат да се користат овие средства.
За оваа мерка државата одвои 27 милиони евра.
Ваучери за домашен туризам ќе има и следната година
Министерот за економија Крешник Бектеши за емисијата „И што сега“ на МТВ најави дека и следната година ќе продолжи мерката ваучери за домашен туризам.
„Мерката ќе се продолжи, но можеби тоа нема да биде во јануари, тоа би можело да биде веќе во вториот квартал, односно во април. Досега се искористени 46.000 ваучери за домашен туризам, а податоците од Државниот завод за статистика за раст на бројот на домашни туристи во август и септември покажуваат дека мерката ги дала очекуваните резултати“, соошти Бектеши.
Тој информира дека согласно Уредбата која што ја донесе Владата рокот за искористување на ваучерите за туризам кои ги доделивме во јули истекува на 15 декември, бидејки овие средства беа предвидени во Буџетот за 2020 година и средствата мора да бидат исплатени до 25 декември.