СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Ангеловска-Бежоска на гувернерски состанок на БИС: Централните банки може да дадат придонес за зелена економија

Банката за меѓународни порамнувања (БИС) го организира редовниот состанок на гувернери на централни банки, при што на состанокот активно учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Тема на јануарскиот состанок беа податоците од Анкетата спроведена од страна на БИС во врска со најновите трендови во процесот на управувањето со девизните резерви.

Резултатите од Анкетата посочуваат дека централните банки сѐ уште претпочитаат да ги инвестираат девизните резерви во финансиски инструменти како државни хартии од вредност на земји со висок кредитен рејтинг, поради тоа што овие финансиски инструменти имаат низок степен на ризичност и се високоликвидни. Исто така, централните банки започнуваат сѐ повеќе да инвестираат средства и во финансиски инструменти коишто се користат за финансирање проекти што придонесуваат за создавање „зелена“ и одржлива економија.

Овие активности се дел од посеопфатните стратегиски насоки на централните банки, како општествено одговорни институции. Во овој контекст се и последните измени коишто ги направи нашата централна банка во декември, во рамките на својот стратегиски план, при што во наредниот период се предвидуваат истражувачки активности за утврдување на ефектите од климатските промени и економските трошоци коишто ги предизвикуваат тие за економијата и финансискиот систем.

Со учеството на гувернерката Ангеловска-Бежоска на овој настан во организација на БИС се потврдуваат заложбите на Народната банка за постојано следење на трендовите во централнобанкарската заедница, навремено спроведување на меѓународните стандарди и придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна линија би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за граѓаните.

Инаку, покрај активностите на централните банки во доменот на управувањето со девизните резерви, се разгледаа и согледувањата изнесени во Годишниот извештај на Комитетот за централнобанкарска статистика „Ирвинг Фишер“, за лекциите од периодот на корона-кризата за статистиката. Првата лекција се однесува на значителната потреба за висококвалитетни статистички податоци коишто треба да бидат сеопфатни, грануларни, флексибилни и интегрирани. Втората лекција е во врска со тоа што и покрај значителниот напредок постигнат во статистиката по Големата финансиска криза, сепак постојат одредени празнини во однос на базите на податоци, коишто допрва треба да се утврдат и овие празнини беа нагласени со пазарните движења во март минатата година. Третата лекција којашто произлезе од кризата со пандемијата, како што беше истакнато на состанокот, е нагласената потреба за продлабочување на достапните статистички податоци, повеќе од стандардниот опфат, особено во времиња на криза.

Учесниците на гувернерскиот состанок на БИС беа децидни дека расположливоста на навремени, фреквентни и добро документирани показатели се покажа како неопходна за донесување соодветни економски одлуки во услови на криза. Препознавајќи го значењето на солидните статистички податоци, Народната банка во изминатиот неколкугодишен период засилено работи на унапредување на опфатот на статистичките податоци, усогласувајќи го со највисоките меѓународни стандарди. Истовремено, Народната банка презема и активности за појаснување на статистичките податоци и за нивно полесно разбирање од страна на пошироката јавност.

Поврзани вести

Зголемување на прагот за ДДВ обврзници

msp-admin

Годинава ќе се реконструира патот од Охрид до Ресен преку Галичица

Влатко Зорба

Од денеска нема повеќе онлајн „коцкање“

Берта Китинска