СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Предности на балирањето отпад наспроти отворените депонии

Денес во светот постојат повеќе методи на управување со отпадот. Додека повеќето од нив се повеќе го вклучуваат отпадот во циркуларната економија, давајќи му на отпадот повторно економска вредност, кај нас сè уште се применува наједноставниот а сепак најлош начин, “фрли го и заборави го”. Дури и во нашата околина, соседните земји, се користат разни методи за управување со отпадот, механичка обработка, хемиска, рециклажа и слично, со што се применуваат современи и напредни начини во справувањето со отпадот. Додека кај нас доминира недовербата во кој било од начините за управување со отпадот настрана од традиционалното “фрли го кај што посакаш”, многу поголеми урбани средини, градови со милионски број жители како еден од начините за справување на отпадот го применуваат балирањето. Балирањето како чисто механичка обработка на отпадот може да се примени и кај нас и всушност претставува единствено брзо применливо решение.

Балирањето на отпадот носи повеќе предности во споредба со само отстранување на отпадот и депонирање на некоја од депониите, легална или нелегална. Предностите што ги нуди балирањето над отворените депонии, започнуваат од еколошката вредност, за не помалку важни да бидат сите што следат финансиската, практичната, временската и просторната.

Балирањето е процес кој го компресира отпадот, односно прво го селектира во неколку основни групи, пластика, метал, стакло, па го компресира на околу 1/4 од првичната зафатнина, потоа го одложува врз пластична филм лента што на крај се замотува во бала. Вака замотан отпадот може да биде одложен на депонија со тоа што е заштитен од запалување од сончевата топлина, ветрот не разнесува честички прашина, не се излева исцедок во почвата и подземните води, од каде потоа се таложи во земјоделските производи. Одложен и складиран на депонија отпадот во бали, зафаќа значително помал простор. Ако 1 кубен метар отпад кога се собира тежи приближно 250 килограми, компресиран во бали, истата количина зафаќа 4 пати помалку волумен. Балите се стабилен материјал и на овој начин отпадот безбедно може да се складираат и до 20 години.

Со ваквите предности и капацитети, балирањето претставува посебна погодност за справување со отпадот на македонските градови. Во Македонија единствено компанијата ПП Индустри е специјализирана и поседува ваква единица за балирање. Оттаму велат: “Единицата за балирање е мобилна и може да се инсталира на која било локација за 15 дена, највообичаено во близина на депонија, а потребно е да има само приклучок за електрична енергија. Капацитетот на единицата за балирање е приближно 35 тони на час или 500 тони на ден. Со 7 часовна оперативност на единицата за балирање се процесираат, обработуваат до 200 тони отпад. Ова е доволно за третирање на отпадот за средини од 130 000 жители. Затоа, балирањето претставува посебна погодност за справување со отпадот и во поголеми градови, но и за помали урбани средини.”

Наспроти балирањето, отворените депонии во моментов претставуваат најголема опасност за загаденоста на воздухот додека горат и воопшто за животната околина. Целата држава е затрупана во отпад, се создаваат огромни количини секојдневно и се создаваат нови депонии насекаде, во предградијата, во речните канали, покрај патиштата, насред нивите и посевите … Ѓубрето е оставено на отворено да скапува под атмосферско влијание, честички од отпадот се разнесуваат насекаде, како што се цеди во почвата, исцедокот завршува во реките и во земјоделските култури.

Како последна разлика меѓу балирањето и отворените депонии е цената. Балирањето чини приближно 600 до 700 денари за тон отпад или 15 до 20 денари по жител месечно. За споредба, само прифаќањето, без никаков третман на 1 тон отпад во контролирана депонија во Македонија чини 680 денари.

Македонија има план за управување со отпад со воспоставување на регионални депонии. Сепак, неговото спроведување ќе трае долго време. Досега е одобрена само постапката за обезбедување заем од меѓународни финансиски институции за создавање на 5 регионални депонии за управување со отпад. За ова ќе бидат потребни над 55,3 милиони евра, што може да започне со изградба на основната инфраструктура за управување со отпад. Регионалните центри за отпад нема да бидат во функција уште неколку години. Имплементацијата на системот за балирање може да се постави веднаш и ќе обезбеди време и прифатливи услови на животната средина додека се отворат регионалните центри за отпад. Овие системи се комплементарни.

Поврзани вести

Гран Канарија: Канцеларија покрај море, без корона на повидок

Stefanija Kuzmanovska

Законот и Стратегијата за енергетика предвидуваат зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори

Влатко Зорба

Бесими на Пролетните состаноци со ММФ и Светска банка ќе го презентира Планот за финансирање на забрзан раст

Влатко Зорба