Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Република Грција, оствари средба со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос”, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд”.
На средбата, која се оствари на покана на компанијата „Гастрејд” учествуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и високи претставници на компанијата „Гастрејд”, беше изразен взаемниот интерес Северна Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и нашата земја.
Со покажаниот интерес, за кој од конзорциумот „Гастрејд” изразија поддршка тоа да биде остварено, Република Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.
Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес.
Како што е познато, во текот на минатиот месец дел од овој проект стана и Република Бугарија, преку националниот оператор за природен гас „Булгартрансгас”, а вклучувањето на Македонија во проектот ќе овозможи диверсификација на рутите за пристап до природен гас не само за нашата земја, туку и за Централна Европа, стои во соопштението од Влада на РМ.