СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Шапуриќ: Ќе има интензивен инспекциски надзор за време на откупот

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ, придружуван од инспектори во инспекторатот, вчера во Прилеп одржа  состанок  со претставниците на  компаниите регистрирани за откуп  на тутун. На состанокот присуствуваше и Гордана Мицевска директор Научниот  институт за тутун и Мендо Стомнароски Претседател на Сојузот на земјоделски здруженија, соопшти денеска Државниот инспекторат за земјоделство.

Во пресрет на претстојниот откуп на тутунот на состанокот се разговараше за откупот согласно новиот Закон за тутун. Посебен акцент на состанокот беше ставен на потребата од брзо формирање на Комисија за верификација на мострите од тутунот, бројот на откупните места и контролата на откупот од страна на овластените инспектори. Се разговараше и за потребата од навремено доставување на  потребната документација до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до Инспекторатот, како и за финансиските и другите условите кои што треба да ги исполнат, пред почетокот на откупот. Од страна на компаниите беше нагласено дека новиот Закон за тутун содржи значителни подобрувања во однос на претходниот закон, но дека во иднина треба да се извршат одредени допрецизирања на законот.

Шапуриќ истакна дека определба на Државниот инспекторат за земјоделство, како и на  сите државни институции е да имаат постојана комуникација со бизнис секторот, но и со земјоделските производители,  во насока на изнаоѓање на соодветни решенија. Воедно тој истакна дека Инспекторатот за време на откупот на тутунот,  максимално ќе биде присутен на терен и дека ќе претстои интезивен инспекциски надзор за време на откупот.

По завршување на состанокот во рамките на престојот во Прилеп, Шапуриќ го посети Тутунскиот комбинат Прилеп, кој покрај производство на цигари, врши и откуп на тутун. Менаџментот на комбинатот го информираше Шапуриќ за резултатите од стратешко партнерство со компанијата „Филип Морис“, како и тоа дека по повеќе од една деценија работење со загуби, годинава се очекува комбинатот да оствари добивка.

Поврзани вести

Борозанов нов управител на фабриката на Џонсон Мети во С. Македонија

Влатко Зорба

За три милијарди долари продаден дел од „Газпром“

Отворен прехранбено-технолошки центар за развој на иновативни продукти

Влатко Зорба