Амстердам во јануари беше седиште на најдинамичното тргување со акции во Европа, соборувајќи го Лондон од врвот, кој ги почуствува последиците од Брегзит, покажуваат податоците објавени во четвртокот.
Дневниот промет при тргување со акции на берзата „Еуронекст“ во Амстердам и холандските подружници на „CBOE Europe“ и „Turqoise“ во јануари изнесуваше 9,2 милијарди евра, покажуваат податоците на „CBOE Global Markets“, кои беа прегледани од „ДПА“.
Сумата е четири пати поголема отколку во декември 2020 година.
На лондонската берза, дневниот промет падна на просечно 8,6 милијарди евра во првиот месец од оваа година, откако Велика Британија го напушти единствениот пазар на Европската унија на 31 јануари 2020 година.
На трето место е Париската берза со просечен дневен промет од шест милијарди евра во јануари, на четвртото место е пазарот во Франкфурт со 5,8 милијарди и на петтото место е пазарот во Милано со 2,6 милијарди евра.
Лондон би можел да ја намали разликата со Амстердам бидејќи швајцарските берзи продолжија со тргување минатата недела. Во јуни 2019 година, кога трговската размена беше прекината, просечниот промет беше 250 милиони на ден, а се очекува да се зголеми до една милијарда евра.
Во 2020 година, просечниот дневен обрт при тргување со акции на лондонската берза беше 17,5 милијарди евра, што му обезбеди статус на водечки пазар во Европа. На второто место се најде Франкфурт со 5,9 милијарди, додека Амстердам беше шести со 2,6 милијарди евра, според CBOE.
По излегувањето на Велика Британија од ЕУ, тргувањето со акции во вредност од околу 6,5 милијарди евра на ден се пресели од Лондон во Европа, откако двете страни не успеаја да постигнат договор за финансиски услуги.
Финансиските институции на ЕУ веќе не можат да тргуваат со акции во Лондон, бидејќи Брисел повеќе не ги признава британските берзи и трговски куќи, објаснува ДПА.