СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Авиокомпаниите, аеродромите и производителите на авиони на работ на пазарна егзистенција

Вестите од авионската индустрија генерално не се добри. Ќе помине една година откако започна пандемијата и авиокомпаниите останаа без патници, производителите на авиони без нарачки и аеродромите без гужви и сообраќај. Споменатите загуби не се тотални, но беа доволно големи и долги за да ја истуркаат целата индустрија на работ на пазарна егзистенција.

International Airlines Group (IAG), во чија сопственост е British Airways, објави рекордна загуба од 7,4 милијарди евра минатата година и побара воведување дигитални „ковид пасоши“ за патниците за да и се помогне на авиоиндустријата да застане на нозе, пренесе „Гардијан“. IAG губи просечно 80 милиони евра неделно.

Оттаму објавија дека капацитетите за патници минатата година се за две третини пониски отколку во 2019 година и дека во првиот квартал тие паднале на само 20 проценти во споредба со нивото пред пандемијата. Покрај пониските примања, IAG имаше значителни трошоци за преструктуирање и програми за предвремено пензионирање. Во 2019 година, IAG објави профит од 2,6 милијарди евра. Значи, разликата е 10 милијарди евра.

Приходите на IAG од патниците паднаа за 75 проценти, од 22,4 на 5,5 милијарди евра, но групацијата верува дека „летовите на долги релации ќе бидат одржливи“. Во исто време, приходите од товарен транспорт се зголемија за 200 милиони евра на 1,3 милијарди евра. IAG минатата година имаше повеќе од 4.000 товарни летови или 11 на ден.

Извршниот директор на компанијата, Луис Гаљего рече дека поради неизвесноста во врска со влијанието на пандемијата врз бизнисот годинава, тој нема да даде предвидувања и повика на меѓународен план за „повторно отворање на небото“. Тој додаде дека постои заостаната побарувачка за патувања, како и дека луѓето сакаат да летаат, а вакцинациите напредуваат добро.

„Авиоиндустријата стои до владите и му дава приоритет на јавното здравство. Со цел луѓето повторно да патуваат, ќе биде потребен јасен патоказ за укинување на тековните ограничувања кога ќе дојде време. „Повикуваме на меѓународни заеднички стандарди за тестирање и воведување дигитални здравствени пропусници со цел безбедно да го отвориме небото“, изјави Гаљего.

Лондонскиот аеродром „Хитроу“ минатата година објави загуба од 2,3 милијарди евра откако бројот на патници се спушти на нивото на седумдесеттите години. Менаџментот на аеродромот објави дека 2020 година е најтешката година во 75-годишната историја на аеродромот и дека нивната загуба „го потврдува разорното влијание на Ковид-19 врз авијацијата“.

Иако драматичното соопштение на аеродромот содржи предупредување дека можеби нема да може да продолжи да работи доколку бројот на патници остане низок, шефот на аеродромот Хитроу, Џон Холанд Кеј, рече дека фирмата има доволно пари за да се снајде до 2023 година и дека луѓето најверојатно ќе патуваат за време на празници и летни одмори.

Минатата недела Airbus го презентираше својот извештај за минатата година, во кој се наведува дека работи со загуба од 1,125 милијарди евра или 29 проценти во споредба со 2019 година, што е дури и подобро од очекуваното. Очигледна и логична причина за загубата е што многу авиокомпании ги откажаа претходните нарачки, а имаше многу малку нови. Во текот на 2020 година, Airbus испорача 566 авиони, додека во 2019 година имаше 863. За истиот период, Airbus доби 268 нарачки, додека една година порано имаше 768.

Компанијата го потврди и претходно најавениот крај на производството на најголемиот патнички авион во светот, моделот А-380. Поради високите трошоци за производство и слабиот интерес на клиентите, како и новите трендови предизвикани од пандемијата, идејата за 853 патници во еден авион повеќе не изгледа привлечна. На 9 февруари, фабриката на Airbus во Тулуз објави фотографии од последно произведениот модел А-380, кој е на тестирање, и треба да биде доставен до авиокомпанијата Air Emirates.

Поврзани вести

Tesla Model 3 за 2021 година носи поголема автономија по полнење

msp-admin

Sony за само пет месеци продаде 7,8 милиони PS5 конзоли

Влатко Зорба

Huawei оствари рекорден профит

Влатко Зорба