СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа во последната година

На светските пазари, цените на нафтата скокнаа за над 6 проценти минатата недела и ги достигнаа највисоките нивоа во последната година, благодарение на дисциплината на ОПЕК во одржување на договорените нивоа на производство и очекувањата дека побарувачката за „црно злато“ ќе се зајакне со закрепнување на економиите

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за повеќе од 6 проценти, на 59,34 долари, близу до највисокото ниво од крајот на февруари минатата година.

На американскиот пазар, пак, барелот порасна за скоро 9 проценти, на 56,85 долари, недалеку од највисокото ниво од крајот на јануари минатата година.

Силниот пораст на цените на нафтата во најголем дел се должи на дисциплината на ОПЕК во спроведувањето договори за намалување на производството.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници минатата недела го продолжија договорот за намалување на производството, што го поддржа растот на цените минатата година, по големиот пад на раното избувнување на корона-кризата.

ОПЕК и неговите сојузници веќе долго време го намалуваат производството за 7,2 милиони барели на ден на координиран начин за да одат во чекор со намалената побарувачка во време на пандемија на коронавирус.

Претставници на ОПЕК минатата недела изјавија дека залихите на нафта во светот постепено се намалуваат и дека намаленото производство треба да го одржи пазарот во дефицит оваа година, и покрај намалената проценка на побарувачката.

„Факторите за поддршка во моментов имаат поголема тежина отколку негативните трендови. Дополнителните саудиски намалувања на еден милион барели дневно овој месец гарантираат дека залихите ќе се намалат барем до крајот на првиот квартал“, рече Тамас Варга од PVM Oil Associates.

Цената на барел во Лондон е близу 60 долари

Благодарение на тоа, минатата недела цената на барелот на лондонскиот пазар се приближи на нивото од 60 долари. Последен пат се движеше над тоа ниво пред пандемијата на коронавирус, кога економиите беа отворени и луѓето можеа слободно да патуваат, што значи дека побарувачката на гориво беше многу поголема.

„Цената на нафтата во Лондон е близу до нивото од 60 американски долари бидејќи ОПЕК + успешно ја отстрани загриженоста за снабдувањето, додека во светот расте оптимизмот во врска со сузбивањето на Ковид-19. Основите на нафтата остануваат цврсти, но можна е консолидација на цените, со оглед на нивниот неодамнешен силен раст“, рече Едвард Моја, аналитичар во ОАНДА.

Поддршката на пазарот е поддржана и од надежите на инвеститорите дека Конгресот на САД наскоро ќе го прифати предлогот на претседателот Џо Бајден за дополнителен пакет фискален стимул за економијата, вреден 1.900 милијарди долари.

Републиканските пратеници во Конгресот се спротивставуваат на уште еден дарежлив стимулативен пакет бидејќи тоа дополнително ќе го зголеми буџетскиот дефицит и јавниот долг, но демократите имаат предност во двата дома на парламентот, затоа инвеститорите веруваат дека предлогот на Бајден ќе добие зелено светло.

Трговците исто така беа охрабрени од вестите за напредокот во дистрибуцијата на вакцините Ковид-19. Тие се надеваат дека забрзувањето на спроведувањето на вакцинацијата ќе придонесе за забрзување на заздравувањето на глобалната економија од корона-кризата, а со тоа и на растот на побарувачката за нафта.

Сепак, дури и оптимистите, како ОПЕК, не очекуваат побарувачката да се врати на нивото пред пандемијата оваа година.

Така, во првата недела од февруари цените на нафтата продолжија нагло да растат, откако скокнаа скоро за 8 проценти во јануари.

Минатата година цените на нафтата паднаа повеќе од 20 проценти поради кризата со короната.

Поврзани вести

Три банки казнети со 28 милиони евра

Влатко Зорба

КОВИД КАКО ПОДАРОК ​​ОД НЕБО: Заработката на „Морган Стенли“ во 2020 година се зголеми за 50%!

Влатко Зорба

PayPal воведува плаќање со криптовалути

msp-admin