СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Азески: Можно ли е во пост-Ковид-19 периодот да ни се случи „туризам“?

На почетокот на пандемијата во средината на април 2020 година во една моја колумна во Фокус, насловена „Еден вирус многу прашања, малку одговори“, покрај другите констатации наведов и тоа дека во економијата најголеми загуби ќе претрпат дејностите кои се врзани со движење. Туризмот и угостителството навистина претрпеа најголем пад, пишува во својата редовна понеделничка колумна, претседателот на Стопанската комора на Македонија – Бранко Азески.

„Ако тој до 2019 година беше во топ три најбрзо растечки индустрии во светот, денеска можеме да констатираме дека е дејност со најголем пад. Во нашата земја туризам, речиси да немаше. Но, искуството ме поучило дека за да тргнеш напред мора да го допреш дното. Заради тоа е потребна организирана акција за определување на стратегијата за развој на оваа гранка во Пост Ковид-19 периодот. Затоа што ефектите од развојот на овој сектор можат да бидат токму додадената вредност и извозниот потенцијал кој што ни е неопходно потребен.

Она што ме охрабри да го напишам овој текст е широката расправа која по мерките на Владата ја отворија сите туристичките здруженија во државата. Морам да кажам дека уште пред 6 месеци во разговор со Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, истакнав дека првиот и единствен услов за да се дојде до решението е да се постигне консензус, внатре во секторот. Тоа ќе овозможи прецизно и јасно да се формулира намерата со која што треба да биде анимирана Владата како императивен Извршен орган. И на таков начин да не се води дијалог на глуви, туку веднаш да се тргне во градењето на стратегијата. Нашето Здружение кое ги претставува и најголемите субјекти во овој сектор во доменот на таа заедничка матрица игра многу позитивна улога создавајќи атмосфера на заедништво кое е преку потребно.

Ако Владата и ресорните министерства, во изминатиот период се обиделе да размислуваат на ист начин како бизнисот, тогаш нема да има проблем да се усвојат следните мерки кој ќе не доведат до саканата цел.

1. Бесплатни ПЦР тестови за странски туристи и 24 часовен рок за издавање соодветен документ според директивите на Европска Унија на англиски јазик.

2. Довршување на процесот на функционирање на развојните туристички зони.

3. Развој на руралниот туризам кој може со мали вложувања да отвори значителен број на нови вработувања. Затоа што секои четири кревети во угостителски објект значат едно ново работно место.

Или за инвестиции во 1000 нови објекти со просек од 15 кревети потенцијалот е 4.000 работни места .

4. Сите досегашни анализи покажаа дека клучниот проблем во развојот на оваа гранка е разногласието во постигнувањето на таргетите, затоа што за оваа област во нашата држава секој е експерт. Токму затоа, почетната точка во градење на стратегијата треба да бидеформирањето на Комитетот за туризам како врв на пирамидата кој ќе ги обедини сите напори и идеи за постигнување на основната цел, а тоа, уште еднаш ќе повторам, се извозниот потенцијал и поголемата додадена вредност.

Во таа пирамида ќе бидат омеѓени најмалку 15 стопански дејности кој се врзани за туризмот. Тоа е вистинскиот мост кој ќе ги поврзе работите и ќе ја смени перцепцијата за овој сектор дека е неперспективен, дека нема развоен концепт и сериозно учество во бруто домашниот производ.

Јас сум еден од ретките луѓе којшто во овие 30 години сум водел, и индустриски капацитет, и туристички капацитет. Можам слободно да кажам дека и двата имаат девизен ефект. Но, таа девиза да легне на нашето конто во индустријата, патот е како да се качуваш на Триглав. А на рецепцијата на хотелот Александар Палас наутро има редици коишто чекаат да ги остават девизните средства. Е има разлики..

Исто така, знам многу добро дека овој сектор е основ за развој на земјоделието, кое пак, кај нас учествува, заедно со прехранбената индустрија, со 13 до 15 % во бруто домашниот производ. Што повеќе туристички капацитети, толку поголем пазар за нашите земјоделско прехранбени производи. Ако не ја направевме грешката да ги распродадеме големиот број македонски туристички капацитети во околните земји, пласманот на тие производи ќе завршуваше во нашите објекти на Јадранот, Егејот, и другите туристички дестинации на Балканот.

Да сумирам, да престанеме сите да се правиме експерти за оваа дејност, да го формираме Комитетот за туризам, да ги прецизираме таргетите, да се организираме подобро, да одвоиме средства за поддршка на овој проект (без пари бизнис не бидува) и сите да се обединиме кон таа цел. Убеден сум дека тоа мора да биде едно од позитивните изненадувања за создавање додадена вредност во нашата економија во пост Ковид-19 перидот.

II. Мостови – Мостовите симбол на големите градители. Вие го градите мостот меѓу минатото и иднината.

Искрин мост е еден од поновите мостови, издграден пред 50 години, но затоа е еден од најдолгите и најголемите мостови во нашата земја. Мостот се протега над клисурите на реката Пчиња, со должина од 355.50 метри и 40 метри височина и ги поврзува градот Куманово со градот Свети Николе на регионалниот пат R1204. Мостот има 8 средни и два крајни столба и со својата величина го плени целиот простор.

П.С. Поранешниот хотел на македонскиот телеком помеѓу Бар и Улцињ во Црна Гора денеска е сопственост на мојот колега од Црна Гора. Да не се разбереме погрешно, по случајност, бидејќи таа трансакција се случи пред 12 години. Денеска на таа локација има 4 пати поголем капацитет и 10 пати поголем промет. Но, таму денес не се трошат македонските производи, бидејќи предност имаат домашните и производите на околните земји. А Македонија поседуваше над 10-тица такви објекти на престижни локации на Јадранот. Ова само како пример за мостовите кој се најизразени кај големите ланци на супермаркети, кои доаѓајќи од определена земја со себе, ги носат и производите од земјата од која што доаѓаат.

Во наредниот број ќе се осврнеме на македонските апсурди во туризмот – селскиот туризам, хотелот Палас во Охрид, лажните копии на охридските брендови“, додава тој.

Поврзани вести

Спасовски: Банкарскиот систем кој е најстабилен, ќе мора да носи дел од товарот

Берта Китинска

Меѓуинституционална координација, бара комората на сметководители

Нема да има промени на цената на електричната енергија, потврди Бислимоски

Влатко Зорба