Стандард
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Близок соработник на Трифун Костовски ја затворил сопствената фирма која останала должна во „Еуростандард“

„Криминалните активности во ограбената Еуростандард банка се многубројни. Доказите се во рацете на релевантните државни истражни органи кои и после шест месеци молчат за сторениот масовен грабеж на нашите депозити. Како е можно да многу близок соработник на Трифун Костовски ја затвори фирмата во февруари 2019 година, во која тој е единствен сопственик, а притоа да има неисплатен кредит кон Еуростандард банка од над 200 илјади евра? Фирмата, која била со седиште во стан во централното градско подрачје на Скопје, нема обезбедување за земениот кредит бидејќи фирмата сега не ни постои и истото неможе да се наплати. Според достапните податоци, фирмата е затворена и избришана од регистарот на фирми поради неактивност. Како е можно да не се отворил стечај за оваа фирма само поради долгот кон Еуростандард банка туку таа директно се затворила!? Несомнено, сето ова е направено со умисла“, се вели во соопштението на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Криминалот оди и понатаму во градењето на криминалната мрежа. Згаснатата фирма на блискиот соработник на Трифун Костовски се јавува и како косопственик на друга фирма должник на Еуростандард банка со седиште во село Клечовце, Куманово. Кредитот на таа фирма е над 400 илјади евра, за којшто не платила ниту една рата повеќе од две години. Оваа фирма има единствено меница како обезбедување на земениот неповратен кредит. Фирмата е сеуште правно активна, но нема никакви приходи веќе неколку години и нема ниту еден вработен. Капиталот на фирмата е негативен, таа има само обврски, додека кредитот кон Еуростандард банка не постои во билансите на оваа фирма. Според сите индикатори, фирмата е пред затворање на сличен начин како и фирмата на блискиот соработник на Трифун Костовски. И во случајот со оваа фирма, нашите пари се ненаплатливи во целост.

Што е ова ако не чист криминал!? Вакви и слични криминални активности во банката има многу. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, раководството на Еуростандард банка има пласирано ненаплатливи кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со меници.

Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски се првотимците од ограбената банка кои свесно ги делеле ненаплатливите кредити во стотици илјади или милиони евра. Потоа, сопствениците на фирмите, оние кои ги добивале кредитите и ги делеле понатаму, добро знаеле и соучествувале во овие криминални активности. За сето тоа време, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска заедно со првиот тим од Народна банка гледале, но мудро молчеле и ја дозволиле евидентната масовна кражба на нашите депозити. Во овој организиран криминал се вклучени и проценители на имот, адвокати, извршители.

Од засега недоволно јасни причини, господата од власта и релевантните државни истражни органи упорно молчат и го толерираат овој небесен криминал во Еуростандард банка. Доказите ги имаат. Крадците и криминалците се добро познати. Парите на обичниот народ, на нас граѓаните и на фирмите депоненти, се покрадени во целост. Нели власта и државните органи работат за интересите на граѓаните и му служат на народот!? Или пак работат само за свои лични интереси и од таму срамниот небесен резултат од 111 место за перцепцијата во практикување на корупцијата во нашата земја.

Вистината и правдата мора да се задоволат, крадците и криминалците да бидат ставени во затвор, а нашите пари да ни се вратат во целост. Продолжуваме понатаму!“, се додава во соопштението.

Поврзани вести

Бизнис конфедерација на Македонија: Четвртиот пакет мерки се амортизер на негативните ефекти од кризата

Влатко Зорба

Поскапуваат горивата од полноќ

Влатко Зорба

Македонија нема директно да преговара со Грција, целта е да се поттикне домашниот туризам

Влатко Зорба
error: Превземањето на содржина без дозвола од авторот е дело казниво со закон!!!