СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Која земја ја има најдобрата позиција во претстојниот нов светски поредок?

Постепеното напуштање на фосилните горива и преминот кон обновливи извори на енергија ќе донесат нов баланс на моќта во меѓународните односи, сметаат странски аналитичари. Со враќањето на Соединетите Американски држави во Парискиот климатски договор, во кој 189 земји ветија дека ќе го ограничат глобалното затоплување за два степени Целзиусови, почетокот на енергетската транзиција кон ниско ниво на јаглерод зазема се поконкретни форми.

На пример, Европската унија има намера да престане да емитува стакленички гасови до 2050 година. Еден од најголемите загадувачи во светот, Кина, објави дека ќе стане јаглеродно неутрална економија до 2060 година.

Далекусежни последици

Ваквите одлуки имаат далекусежни последици. Според „Фајненшл тајмс“, во борбата против климатските промени, водечките светски економии почнуваат да ја намалуваат потрошувачката на фосилни горива, да го зголемуваат капацитетот на обновливи извори на енергија, а во исто време нивните економии се трансформираат. Но, како што се менуваат енергетските системи, така се менува и енергетската политика. А со тоа и меѓународните односи.

Имено, во поголемиот дел од 20 век, геополитичките односи беа тесно поврзани со фосилни горива. Стравувањата од нафтено ембарго или недостиг на гас беа доволни мотиви за склучување политички сојузи, но и за започнување војни. Ќе се појави нова група на победници и губитници во светот на чистата енергија. Земјите што ќе имаат најнапредно производство на технологија за обновлива енергија, што ќе извезуваат „зелена енергија“ или ќе увезуваат помалку фосилни горива ќе имаат корист од оваа нова дистрибуција на енергија. Од друга страна, земјите кои денес многу се потпираат на извозот на нафта и гас – како што се арапските држави и Русија – може да бидат сведоци на пад на глобалното влијание.

Олафур Рагнар Гримсон, поранешен претседател на Исланд и претседател на Глобалната комисија за геополитика на енергетската трансформација, вели дека преминот кон чиста енергија ќе роди нов модел на политика.

„Оваа промена се случува побрзо и на посеопфатен начин отколку што некој очекува“, посочува Гримсон. „Како што фосилните горива постепено го напуштаат енергетскиот систем, така и стариот геополитички модел на моќ што доминира во меѓусебните односи на државите. Постепено, моќта на оние земји кои беа големи играчи во светот на економијата на фосилни горива или големите корпорации како што се нафтените компании, сè повеќе ќе згаснува“, посочи Гримсон.

Тис Ван де Граф, професор на Универзитетот во Гент во Белгија и водечки автор на влијателниот извештај за Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA) за 2019 година, вели дека нова група извозници на енергија може да се појави на глобалната сцена.

За неколку месеци, Норвешка и Велика Британија ќе ја завршат инсталацијата на најдолгиот копнен- подморски електричен кабел во светот, наречен „North Sea Link“. Од норвешка страна, кабелот ќе минува низ планини и езера, а потоа ќе се „нурне“ во Северното Море и по 720 километри ќе се појави на бреговите на британските острови. „North Sea Link“ ќе биде седмиот норвешки копно-поддморски интерконектор, овозможувајќи и на скандинавската земја да извезува вишок електрична енергија во соседните земји од тамошните хидроцентрали.

Глобалната потрошувачка на електрична енергија веќе е значајна: таа денес учествува со петтина од учеството меѓу типовите на енергија. Доколку потписниците на Парискиот климатски договор го спроведат она за што се обврзале, до 2050 година електричната енергија ќе заземе половина од уделот, смета IRENA.

Ауке Лонт, извршен директор на норвешката државна компанија за дистрибуција на електрична енергија Statnett, истакнува дека претходниот светски поредок се засновал на нафта.

„Тоа се менува: додека се оддалечуваме од јаглеводородите кон електроните, ќе имаме светски поредок каде електронот е поважен“, смета Лонт.

Постои едногласно мислење дека промената веќе се случува. Паскал Лами, поранешен шеф на Светската трговска организација, ја споредува глобалната транзиција од еден во друг енергетски систем со промената што ја донесе индустриската револуција.

Пандемијата го забрза трендот

„Ако го споредите денешниот свет со оној од пред само 18 месеци, ќе видите голема промена. Во тоа време, само 25 проценти од државите имаа дефинирана цел за декарбонизација. Денес тоа го имаат 75 проценти од светската економија“, вели Лами.

Пандемијата на коронавирус само го забрза тој тренд. Бидејќи предизвика глобална рецесија, побарувачката за нафта минатата година падна за 8,8 проценти и 5% за јаглен, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергетика (IEA). Во исто време, во 2020 година беа инсталирани рекордни 200 гигавати нов капацитет за обновливи извори.

IEA очекува дека обновливите извори на енергија ќе го надминат јагленот како најголем извор на производство на електрична енергија во 2025 година. Оваа проценка беше сфатена многу сериозно во Австралија, еден од најголемите извозници на јаглен во светот. Во земјата има се поголеми лоби групи кои бараат Австралија да стане „суперсила во обновливи извори на енергија“.

Извештајот на IRENA идентификува три начини на кои државите можат да играат значајна улога во новиот светски енергетски поредок.

Првиот е извоз на електрична енергија произведена од обновливи извори или или „зелени“ горива, како што е водородот.

Друг начин е да се контролираат суровините што се користат за чиста енергија, како што се литиум и кобалт.

Третиот начин е развој на технологија, како што се батерии за електрични возила.

Со оглед на тоа што производството на електрична енергија од обновливи извори е достапно буквално за сите земји, Тијс Ван де Граф смета дека развојот на технологијата на крајот ќе биде факторот што ја прави разликата.

Но, во сите три аспекти, една земја е во водство, вели Ван де Граф, а тоа е – Кина.

Поврзани вести

Што нѝ носат ИТ трендовите за 2021 година?

Влатко Зорба

25 години подоцна: што се случи со еврото?

Влатко Зорба

Зошто цената на нафтата полуде?