На светските пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата со валути минатата година падна за скоро 7 проценти и падна на најниско ниво во последните две и пол години, при што еврото во однос на американската валута зајакна повеќе од 9 проценти.
Индексот на доларот, што го покажува движењето на американската кон другите шест најважни светски валути, минатата година падна за 6,9 проценти, на 89,84 поени, недалеку од најниското ниво од април 2018 година.
Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута изгуби скоро 5 проценти и се лизна на 103,25 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската валута, па цената на еврото скокна за 9,2 проценти, на 1,2240 долари, близу до највисокото ниво во последните две и пол години.
Падот на доларот во однос на кошницата со валути од скоро 7 проценти е најголема годишна загуба од 2017 година и е резултат, меѓу другото, на крајно лабавата монетарна политика на американската централна банка.
Бидејќи панемијата на коронавирус избувна на почетокот на минатата година, ФЕД ги намали основните каматни стапки близу нула и инјектираше неколку трилиони долари во финансискиот систем за одржување на ликвидноста и поддршка на економијата, која падна во рецесија.
Покрај тоа, Конгресот донесе во два наврати мерки за фискален стимул, вреден повеќе од 3.000 милијарди американски долари.
Слабеењето на доларот се случува наспроти очекувањата дека Федералните резерви на САД ќе ги задржат каматните стапки на многу ниски нивоа подолго време, што, пак, помогна во зајакнувањето на конкурентските валути.
Изгледите за економски поповолна 2021 година исто така ја намалија привлечноста на доларот како безбедно прибежиште за капитал во неизвесни времиња.
„Очекувам доларот да амортизира дополнително во следните неколку години, бидејќи ФЕД ги одржува каматните стапки близу до нула“, рече Кевин Бошер, стратег во „Ravenscroft“.
Другите големи централни банки во светот исто така имаат драстично опуштена монетарна политика, вклучително и Европската централна банка.
И покрај ова, еврото зајакна повеќе од 9 проценти во однос на доларот минатата година.
Ова се должи, меѓу другото, и на договорот меѓу Европската унија и Велика Британија за трговските односи по „Брегзит“.
Благодарение на тоа, британската фунта зајакна во однос на доларот минатата година, за 3,1 процент и ја заврши годината на 1,3667 американски долари, близу до највисокото ниво во последните две и пол години.