СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Еуроникел Индустри со Меморандум за соработка дава поддршка за учениците од Ќиро Спанџов-Брко

Еуроникел Индустри потпиша Меморандум за соработка со Средното техничко училиште „Ќиро Спанџов-Брко“ од Кавадарци со којшто овозможува поддршка за практичната настава на учениците. Меморандумот приоритетно опфаќа феријална пракса и практична настава од машински и електро струки, што е задолжителна фаза од продолжувањето на техничкото образование, но и поддршка на проекти кои имаат за цел подобрување на образовните процеси. Оваа година со оглед на ситуацијата, компанијата веќе реализираше феријална пракса за 40 ученици од ова училиште, а практичната настава е условена од здравствената состојба и ќе се реализира штом се создадат соодветни услови.

„Денешното потпишување на меморандумот за соработка се базира на взаемни придобивки. Нашата инволвираност е дел од општествената одговорност на Еуроникел Индустри и има за цел силен и постојан поттик и поддршка за образовните процеси во целост. Во поддршката на техничкото образование на младите кадри, нивното оспособување во квалитетни и професионални профили ја гледаме иднината за економскиот развој на градот и затоа вложуваме во нив. Како еден од водечките индустриски капацитети и Еуроникел Индустри има постојана потреба од вакви кадри, кои во иднина својата перспектива може да ја создаваат и градат како дел од нашиот индустриски капацитет со меѓународно искуство и големи можности”, изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел Индустри.

Соработката меѓу најзначајниот индустриски ентитет во градот и техничкото училиште каде се образуваат кадри потребни за индустријата, се проширува и на поддршка на училиштето во изработка и учество на разни проекти со кои се подобрува квалитетот на наставата и се отвораат едукативни перспективи за учениците.

„Соработката што ја имаме воспоставено со Еуроникел Индустри е пример за активен и ангажиран однос на бизнис секторот за техничкото образование и младите перспективни кадри и што овој сектор може да направи за развојот на локалната заедница. Нашите ученици, покрај теоретската наобразба имаат потреба, но и обврска и за задолжителна пракса, што во денешни услови на брз технолошки развој се покажа како предуслов за понатамошно професионално дефинирање и надградување. Покрај тоа, да се има поддршката на еден огромен индустриски капацитет отвора многу можности за нас како образовен центар и за иднината на нашите кадри”, потенцираше Драги Ташев, директор на СОУ Ќиро Спанџов-Брко.

Како дел од општествената одговорност на компанијата и нејзините вработени, денеска се одржа и крводарителска акција со Црвениот Крст, која што се спроведува редовно, два пати во годината. Преку корпоративната поддршка на образовни, здравствени, социјални и културни проекти, но и индивидуалната поддршка што ја прикажуваат самите вработени, се отсликува целокупниот пристап што Еуроникел Индустри го има кон заедницата и општеството.

Поврзани вести

Прогноза: Електричните автомобили за 10 години ќе чинат 5.000 долари

Влатко Зорба

Шпанија подготви 11 милијарди евра помош за мали и средни претпријатија

Влатко Зорба

Саудиска Арабија го изненади нафтениот пазар со големо еднострано намалување на производството

Влатко Зорба