СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ФИТР: За само 72 часа доставени над 500 предлог-решенија за полесно справување со кризата од Ковид-19

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска соопшти дека во рамки на јавниот повик „Креатон“, наменет за креирање дигитални алатки и решенија за справување со последиците од Ковид-19, до нив пристигнале вкупно 546 инцијативи.

– Јавниот повик траеше 72 часа и ваквиот интерес е само показател за нивото на свест и желбата за придонес кај многу наши сограѓани, НВО и компании. Очигледно, и во вакви вонредни околности, креативниот потенцијал и солидарноста се силно изразени во нашето општество, изјави директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Од ФИТР наведоа дека иницијалните бројки покажуваат дека 57 отсто од иницијативите се поднесени од компании, здруженија или организации, а околу 43 проценти се поднесени од физички лица.

– Пристигнатите проекти нудат решенија во седум области – во најголем дел се наменети за образование и едукација, здравство и медицина, ИТ платформи и апликации, но и во доменот на медиуми и информирање, култура, маркетинг, трговија и финансии, како и забава и рекреација. Иницијативите, меѓу другото, опфаќаат решенија за справување со лажни вести, за полесно следење и ажурирање на официјални информациите поврзани со коронавирусот и превентивните мерки, како и следење на состојбата со лицата во самоизолација, дигитални платформи и училници, решенија за квалитетно искористување на слободното време во домот, дигитални книжарници, квизови и игри, како и решенија за поефикасно работење онлајн и сл, информираа од Фондот.

По првата фаза, како што наведоа од ФИТР, за сите предселектирани иницијативи ќе се определат 48 часа за изработка на детален план на активности и предлог буџет. Апликантите чии предлог проекти ќе бидат избрани во фазата на финална селекција ќе имаат обврска да подготват јавна презентација на предлогот пред Комисијата. Јавната презентација на решенијата и евалуацијата ќе се врши онлајн преку видео – конференциска врска. Предлозите ќе се оценуваат според степен на иновативност, рок и механизми за реализација, капацитет на проектниот тим и влијание.

– Предлог решенијата треба да се имплементираат во кус рок, и да бидат применливи и во нормални услови, по прекинот на превентивните мерки поврзани со Ковид-19, како придонес кон забрзана дигитализација на општеството. Вкупниот буџет е 10 милиони денари, со максимален износ по апликација од 10.000,00 евра во денарска противвредност, соопштија од ФИТР.

Од Фондот информираат дека повикот е прв од нивните иницијативите за справување со последиците од корона вирусот.

– Тимот на ФИТР веќе финализира и нови предлози за поддршка на домашната економја, а како дополнение на пакетот економски мерки на Владата, истакнаа од Фондот.

Јавниот повик е заеднички потфат на ФИТР, Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, МАСИТ и други партнери/експерти, што ќе ја реализираат и евалуацијата на пристигнатите иницијативи.

Поврзани вести

Маск создаде „убиец на Фејсбук“?

Влатко Зорба

Apple ќе плати половина милијарда долари поради кршење на патентни права

msp-admin

Вучиќ од Париз: „Луј Витон“ доаѓа во Белград

Влатко Зорба