Заштита и промоција на економските и професионалните интереси на членовите, како и развој на односите меѓу бизнис заедниците меѓу двете земји се целите на Здружение на грчки бизниси во Северна Македонија формирано во четвртокот во Скопје, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Основачите на Здружението се 16 големи грчки компании во нашата земја, а за претседател е избран Арис Влахос, додека пак во управниот одбор учествуваат претставници на Стопанска банка, на ЕДС, Усје и Интракат.
– Се стремиме да станеме мост на комуникација помеѓу бизнисите од двете земји и да ги браниме интересите на грчките компании во Северна Македонија, рекол Влахос според АНА-МПА и додал дека еден од приоритетите на Здружението е соработка со надлежните тела од двете земји.