Германскиот хемиски и фармацевтски гигант „Баер“ се согласи на спогодба според која треба да плати компензација од 11 милијарди долари, поради бројните обвинувања дека неговиот хербицид „Roundup“ се поврзува со предизвикување карцином.
Договорот во име на скоро 100.000 луѓе го постигна њујоршка адвокатска канцеларија, објави британски „Гардијан“, додавајќи дека хербицидот на „Баер“, базиран на глифосат, содржи канцерогени материи.
Германскиот гигант ја негираше вината, но рече дека исплатата на 11 милијарди отштета ќе „стави крај на неизвесностите“.
Медиумите прецизираат дека „Баер“ ќе плати 9,6 милијарди долари во име на тужби, додека ќе издвои дополнителни 1,2 милијарди за идните правни постапки.
Хербицидот „Roundup“ првично беше промовиран од американската компанија „Монсанто“, која Баер ја купи пред две години. Од својата премиера пред 40 години, „Roundup“ стана најпопуларен убиец на плевел во светот.
Хербицидот на база на глифосат, се користи не само во земјоделството, туку и во јавните и приватните градини, што потенцијално ги става во опасност земјоделците и потрошувачите.
Некои студии покажаа дека хербицидите што содржат глифосат може да го нарушат ендокриниот систем и да влијаат на лачењето на хормоните, што може да ја загрози плодноста кај луѓето.
Исто така, се покажало дека глифосатот ги загрозува животните. Германската агенција за животна средина откри и значителни негативни ефекти врз биолошката разновидност, како резултат на употребата на пестициди во целина, и особено глифосат.
Инаку, глифосатот не убива целно плевели,туку и корисна тревна површина, која е третирана со споменатата хемикалија.