ИКТ-секторот може да има клучна улога во справувањето со пандемијата на Ковид-19. Дигиталниот широкопојасен интернет е основата што поддржува имплементација на телемедицина, далечинско образование и канцеларија за далечинско управување. Така на пример, далечинска здравствена консултација им помогна на лекарите да дијагностицираат пациенти оддалечени 1.000 километри, вели Си Веигуо, заменик генерален директор на „Хуавеи“, во интервју за „Локално“.
Во компанијата се задоволни од позицијата на македонскиот пазар, но истовремено оставаат можност за проширување на инвестициите.
-Се надеваме дека отвореното и фер деловно опкружување ќе продолжи и во наредните години, а „Хуавеи“ ќе продолжи со обезбедување на најдобри можни решенија и услуги за своите клиенти, вели Веигуо.
Во „Хуавеи“ имаат прецизен став во однос на дилемите околу 5G мрежата но и обвинувањата дека нивните мрежи и уреди се закана по безбедноста на државите.
-Ние сме снабдувач на телекомуникациска опрема. Произведуваме цевки преку кои се канализираат податоците, но немаме никаков пристап до овие податоци, посочува Веигуо.
Како аргумент го посочува и фактот дека во периодот од 30 години на работење во 170 држави, нема евиденција за ниту еден поголем инцидент за сајбер безбедност.