СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Huawei ќе развива паметни патишта

На четири километри пат во кинескиот град Уси, еден автономен автобус патува напред и назад, застанува, ги заобиколува пречките, забрзува и забавува, врз основа на информациите што постојано ги добива од околината. Вградени на патот, во семафорите, на уличните знаци се кријат сензори, камери и радари кои „зборуваат“ со возилото.

Местото го користи телекомуникацискиот гигант Huawei Technologies Co. и нејзините партнери како дел од првиот национален проект за интелигентно и поврзано возило во Кина. Земјата сака да го направи сообраќајот поспокоен и побезбеден, истовремено осигурувајќи дека локалните шампиони како Huawei ја искористуваат огромната можност да обезбедат инфраструктура.

„Автономното возење е огромен тренд, но не секое изолирано возило може да го постигне тоа самостојно“, рече Џианг Вангченг, претседател на бизнисот со информатичко-комуникациска технологија на Huawei, цитиран од „Блумберг“.
„Единствено решение е да добиеме информации од патиштата“, смета тој.

Под кодно име X-Bus, возилото е поврзано со мрежа за контрола на транспорт што гледа и решава сè што се случува на тест-патеката. Комуникацијата е двонасочна: автобусот постојано испраќа информации до мрежата и може да поставува барања, како на пример, да побара зелено светло на семафор за да го исполни својот распоред. Иако автобусот е во голема мерка автономен, зад воланот има возач. Тој е постојано подготвен да преземе контрола доколку е потребно.

Huawei, чија основна дејност се мрежните системи, но е под глобален притисок од САД и нејзините партнери, се чини дека е насочен кон нови области за раст, како што е транспортот. Наместо да прави сопствен паметен автомобил, Huawei сака да ја обезбеди комуникациската опрема и софтверот потребен за револуцијата на паметните возила.

Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, сака паметните автомобили со барем одредена автоматизација да учествуваат со над 50% од продажбата на нови автомобили до 2025 година, според националниот патоказ за технологија изработен во ноември. Планот, исто така, ја нагласува потребата од инфраструктура што ќе им овозможи на автомобилите да се поврзат на Интернет и едни со други.

Зголемената безбедност е во фокусот. Во моментов, едно лице умира во земјата на секои осум минути поради сообраќајни несреќи. Целта на Huawei е неговата технологија да обезбеди поточни информации во реално време за возила, возачи, пешаци и други учесници во сообраќајот, како и временски услови и потенцијални опасности.

„Патиштата треба да ги опслужуваат возилата што возат по нив“, рече Џианг од Huawei. „Тие треба да обезбедат повеќе информации за да понудат подобра поддршка“.

Поврзани вести

ЕВРОПЈАНИТЕ ШТЕДЕЛЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА: На сметките имаат 585 милијарди евра, а еве ја земјата со најмногу

Влатко Зорба

Просечната нето-плата во Хрватска близу 1.000 евра

Влатко Зорба

Битиќи – Петров: С. Македонија ќе стане регионален старт ап центар

msp-admin