СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Индија сака да ја привлече Tesla со предлози за поевтино производство од Кина

Индија е подготвена да понуди разни попусти, така што трошоците за производство на Tesla Inc. да станат помали од оние во Кина ако производителот на автомобили се согласи да произведува автомобили во оваа јужноазиска земја. Ова за Ројтерс го изјави индискиот министер за транспорт Нитин Гадкари.

Неговиот повик се случи неколку недели откако компанијата на милијардерот Елон Маск ја регистрираше својата подружница во Индија, што е прв чекор за влез на пазарот, што може да се случи до средината на 2021 година.

„Наместо да склопуваат (автомобили) во Индија, тие треба да го внесат целото производство во земјата со ангажирање на локални добавувачи. Тогаш можеме да понудиме поголеми попусти“, рече Гадкари во едно интервју. Сепак, тој не прецизираше кои би биле тие повластени услови.

„Владата ќе се погрижи трошоците за производство на Tesla да бидат најниски во светот, дури и во споредба со Кина, кога ќе започнат да ги произведуваат своите автомобили во Индија. Ние ќе го гарантираме ова“, рече министерот.

Индија сака да го стимулира локалното производство на електрични автомобили, батерии и други компоненти за да се ограничи скапиот увоз и да се намали загадувањето во нејзините големи градови.

Сепак, земјата се соочува со тежок предизвик ако сака да ја освои Tesla. Компанијата не одговори на барањето за коментар од Ројтерс.

На младиот пазар на електрични автомобили во Индија учествуваат само 5.000 од 2,4 милиони продадени автомобили во земјата минатата година, со слаба инфраструктура за полнење и високи цени што ги запираат купувачите.

Во исто време, во Кина, каде Tesla веќе произведува автомобили, продадени се 1,25 милиони автомобили со т.н. нова енергија, вклучително и електрична енергија, од вкупно 20 милиони продадени во 2020 година. Пазарот е исто така одговорен за повеќе од третина од меѓународните продажби на Tesla.

Индија, исто така, нема сеопфатна политика за електрични автомобили како Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, што ги обврзува компаниите да инвестираат во овој сектор.

Според Гадкари, покрај големиот пазар, Индија може да биде и центар на извоз, особено со оглед на тоа што 80% од компонентите за литиум-јонски батерии се произведуваат локално.

„Мислам дека ова е „вин-вин“ за Tesla“, рече тој. Посочи и дека сака да разговара со производителот за изградба на „hyperloop“ помеѓу Делхи и Мумбаи.

Поврзани вести

Прво локално партнерство за вработување за креирање повеќе и подобри работни места

msp-admin

Пазарната вредност на Tesla падна 244 милијарди долари за еден месец

Влатко Зорба

Џони Ајв веќе не е дел од Apple

msp-admin