„Вкупно 53 компании се дел од првиот инвестициски бран за кој иницијалните 1,5 милион евра се целосно исцрпени. Жал ми е што буџетот не е поголем. Се покажа како недоволен поради зголемениот интерес на младите. Податокот дека 55 отсто од компаниите-добитници на средства се понови од една година, значи дека со вистинска мерка сме поттикнале многу млади луѓе да се охрабрат и да креираат сопствен бизнис. Покажавме дека сме вистински партнер на младите“, истакна денеска директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски.
Тој како особено важен го нагласи фактот дека 90 отсто од оние што добија поддршка се микро комапнии што веќе вработуваат 220 млади луѓе, а се планира отворање работни места за плус 150. Се работи за работни места со високи примања од 40.000 денари во просек.
Директорот на ФИТР кој рече дека е можно наредниот месец да се објави следниот повик за стартапи, ги охрабри оние што овојпат аплицираа, но не добија. Рече дека ќе се заложи нивните барања да бидат повторно разгледани.
-Пораката до сите останати компании кои не се подготвени за финансирање е дека не го завршуваат патот тука. Ќе добијат образложение зошто не добиле средства, а ќе се овозможи и да се произнесат за образложението во наредните неколку недели. Ќе се заложиме апликациите повторно да им бидат разгледани. Нека не се откажуваат, потецира Деспотовски според кој дополнителни 21 компанија се подготвени за инвестирање, но поради исцрпеноста на буџетот, средства нема доволно.
Сепак, ФИТР ќе се заложи и за нив, ќе направи напор да се обезбедат 600.000 евра.