СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Извршени 4.080 контроли, затворени два угостителски објекта

Во периодот од 23 до 29 ноември од страна на седумте инспекциски служби се извршени вкупно 4.080 контроли, по основ на почитување на здравствените протоколи и материјалните закони во рамки на надлежностите на инспекторатите.

Во посочениот период, Државниот пазарен инспекторат изврши 2.635 контроли и 462 надзори поврзани со материјалните закони и здравствените протоколи за работа на угостителските објекти. Притоа, поднесени се 18 прекршочни пријави, 31 прекршочен платен налог и 54 решенија. Од овие 54 решенија, две решенија се донесени согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и се однесуваат на два угостителски објекти од Гостивар кои не го почитувале протоколот во делот на ограничен број на гости на маса, поради што изречена им е забрана за работа и соодветна глоба за правното лице и за одговорното лице во правното лице.

Во истиот период, Државниот здравствен и санитарен инспекторат изврши 80 надзори, а издадени се 12.218 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени, а дополнително издадени се и девет решенија за констатирани неправилности.

Државниот инспекторат за транспорт во изминатите седум дена изврши 43 надзори, при што изречени се осум прекршочни пријави, седум решенија и еден платен налог за прекршувања на материјалните закони.

Од извршените надзори по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести, не се констатирани прекршувања на законот и на протоколите за превоз на патници.

Агенцијата за лекови и медицински помагала во истиот период изврши 28 надзори во аптеки по основ почитување на мерките и издавањето на антибиотици, при што изречено е едно решение согласно Законот за лекови и медицински средства.

Државниот инспекторат за труд спроведе 501 надзор во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори, од страна на трудовите инспектори изречени се 26 решенија согласно материјалните закони, а дополнително изречени се и ест платни налози заради неносење на заштитна маска за лице во работниот простор во Ресен и Битола.

Агенцијата за храна и ветеринарство, во периодот од 23 до 29 ноември, спроведе 331 надзор. Притоа издадени се пет решенија, еден платен налог и извршени се 22 едукации поради констатирани неправилности кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување на производи и неправилно означување на производите.

Инспекторатот за животна средина и природа во истиот период изврши 53 инспекциски надзори, од кои 10 надзори во правни субјекти кои поседуваат А-Интегрирани еколошки дозволи, 38 во правни субјекти кои поседуваат Елаборати за животна средина и четири инспекциски надзори на нестандардни комунални депонии.

Притоа, издадени се 16 решенија со корективни мерки за правни субјекти кои поседуваат А-Интегрирани еколошки дозволи и за правни субјекти кои поседуваат Елаборати за заштита на животната средина. Во текот на викендот овој инспекторат во Тетово, Куманово и Кавадарци, во коишто градови беше надминат прагот на алармирање, изврши 17 вонредни надзори.

Поврзани вести

„Southwest Airlines“ го одложува служењето алкохол поради инциденти со патници

Маск ја прокоментира „величествената мисија“ во која многу луѓе веројатно ќе умрат

Влатко Зорба

Путин жали што САД го уништуваат доларот како светска валута

msp-admin