Процесот за добивање на платежната картичка „Купувам домашно“ ќе биде едноставен, без апликација од страна на граѓаните. Издавањето ќе биде од 3 јули со рок на искористување до 31 јули, соопшти денеска претседателот на партиската Комисија за економија на СДСМ Кирил Колемишевски.
На онлајн дебатата „Нова развојна македонска економија“ Колемишевски рече дека картичката може да се искористи во ресторани, кафетерии, зелени пазари, аптеки, онлајн продавници, односно на сите оние места каде има безготовинско плаќање, но со неа ќе може да се купуваат само македоски производи и услуги.
Осврнувајќи се на пакетот економски мерки што се спроведува за ублажување на последиците од КОВИД кризата, Колемишевски посочи дека во моментот се спроведува третиот пакет економски мерки во вредност од 355 милиони евра, наменет за 730.000 корисници. Напомена дека невработените, активни баратели на работа и примателите на гарантирана минимална помош ќе добијат помош од 9.000 денари, вработените лица кои имаат месечни примања помали од 15 илјади денари ќе добијат по 3.000 денари, исто и младите лица од 16 – 29 години.
– Оваа криза да ја искористиме како шанса од која ќе излеземе со реформирани и осовремени компании конкурентни во регионот и интернационално. Заедно ќе излеземе посилни од ова, рече Колемишевски.