Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка ги разгледа клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, пренесе Бизнис Инфо.
По намалувањето на каматната стапка во јануари 2020 година, на оваа седница Комитетот оцени дека тековната монетарна поставеност е соодветна, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2%. Исто така, беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 11 март 2020 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Одлуката за непроменетост на монетарната поставеност се заснова на поволните движења во домашната економија, кои се во рамки на очекувањата, но при истовремено значително зголемување на ризиците и неизвесноста за глобалната економија, предизвикани од новата вирусна инфекција Ковид -19.
Во однос на економската активност, објавените податоци за БДП за четвртиот квартал на 2019 година упатуваат на побрз раст на економијата од очекуваниот, но остварувањата за целата 2019 година се во линија со проектираната стапка во рамки на октомвриските проекции. Проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од 2019 година покажуваат солиден економски раст од 3,4%, на годишна основа. Со тоа, реалниот раст на економијата во 2019 година достигна 3,6% (очекуван раст од 3,5%). Остварениот раст во 2019 година е поттикнат од домашната побарувачка, чиј двигател се бруто-инвестициите, а значаен позитивен придонес е забележан и од личната потрошувачка. Растот на компонентите на побарувачката и извозот придонесоа за раст и на увозот, со што нето-извозот има негативен придонес кон вкупниот економски раст. За првиот квартал на 2020 година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата.
Во однос на инфлациските движења, во првите два месеци од 2020 година просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 0,7%, што и натаму е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. При поизразени надолни корекции во поглед на очекуваното идно движење кај увозните цени, тековно, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2020 година од 1,5% се оценуваат како надолни. Неизвесноста околу очекуваното движење на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму постои и е поизразена.
Остварувањата кај девизните резерви во 2019 година и првите два месеци од 2020 година се нешто подобри од очекувањата, при што нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурна зона.
Според расположливите показатели за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена за јануари 2020 година укажуваат на остварен трговски дефицит кој е нешто понизок во однос на проектираниот за првиот квартал од годината. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со февруари, упатуваат на остварени нето приливи од приватни трансфери кои се во линија со очекуваните за првото тримесечје на 2020 година. Остварувањата во билансот на плаќања за 2019 година посочуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција (2,8% од БДП, наспроти проектираниот од 1,3% од БДП), но и значително подобра позиција на финансиската сметка (нето-приливи од 5,4 % од БДП, во споредба со проектираните 3,6% од БДП).
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за февруари покажуваат натамошен годишен раст и на депозитите и на кредитите, при што остварувањата не упатуваат на поголеми отстапувања од проекцијата.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута се задржа на релативно стабилно и високо ниво, што влијаеше за мала потреба кај банките за задолжување на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. Во такви околности, банките и натаму вишокот денарски средства го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.
На домашниот девизен пазар во февруари, банките за потребите на нивните клиенти реализираа поумерена нето-продажба на девизи споредено со првиот месец од годината. Главен придонес кон ова движење на девизниот пазар имаше сезонски пониската побарувачка за девизи од страна на корпоративниот сектор. Банките ја задоволија нето-побарувачката за девизи од страна на клиентите од девизните средства со коишто располагаат, а заради неутрализирање на краткорочните промени на девизната ликвидност во банкарскиот систем, Народната банка во два наврати продаде вкупно пет милиони евра.
Во февруари, ширењето на корона вирусот надвор од Кина ја зголеми загриженоста на инвеститорите на меѓународните финансиски пазари околу негативните импликации врз глобалниот економски раст. Во такви услови, инвеститорите имаа поизразен интерес за вложувања во посигурни финансиски средства (злато и државни обврзници) чиишто цени бележеа пораст, при истовремен значителен пад на цените на акциите на светските берзи. Глобалната неизвесност и случувањата на финансиските пазари на почетокот на март наложија потреба за координирање на политиките на земјите членки на Г-7, коишто преку телеконференција изразија подготвеност да ги искористат сите расположливи инструменти со цел постигнување на силен и одржлив економски раст.
Непосредно по овој настан, Централната банка на САД – ФЕД на вонреден состанок реагираше со значително намалување на целното ниво на референтната каматна стапка, а последните неколку денови сѐ позасилени се очекувањата на пазарните учесници и за дополнителни измени во истата насока од страна на оваа централна банка. Неизвесноста околу идните мерки на развиените економии, како и големата променливост на меѓународните финансиски пазари којашто во изминатите неколку денови се манифестира со значително намалување на: цената на нафтата, берзанските индекси и вредноста на американскиот долар во однос на еврото и во следниот период активно ќе се следат од страна на Народната банка со цел адекватна оценка на нивните ефекти врз домашната економија и потребата за преземање на евентуални мерки.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека последните макроекономски показатели во домашната економија главно се движат во согласност со очекувањата, но ризиците од окружувањето стануваат се понагласени. Новата вирусна инфекција, Ковид – 19 се одразува врз глобалната економија, а нејзините економски ефекти во целина сè уште се неизвесни и зависат од времетраењето и силината на овој неочекуван шок кој е од неекономски карактер.
Народната банка, како што се наведува, ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.