СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ФИТР: 66 домашни компании во финална селекција за проекти за технолошки развој

Шеесет и шест домашни компании од 74 кои аплицирале, продолжуваат во фазата на финална селекција на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој на ФИТР по редовна постапка. Вкупниот обем на инвестиции кај овие проекти е над 11,7 милиони евра. Компаниите од Фондот за иновации побаруваат 3,5 милиони евра максимален износ, а се подготвени да вложат повеќе од осум милиони свои средства. Побаруваните средства се 16 проценти над вкупниот буџет наменет за овој повик кој во рамките на редовната постапка изнесува три милиони евра. Со овој повик Владата обезбедува до 30 отсто, додека останатите 70 отсто се влог на компаниите.

Како што информира Фондот за иновации, овој повик е наменет за финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатија и приватни здравствени установи („ПЗУ“), а целта е воведување нови технологии во работењето со што се зголемува конурентноста на домашните компании.

– Компаниите кои сакаат да го унапредат нивото на технолошки развој се од 15 области и тоа доминантно во секторот здравство и медицина како и градежништво, трговија и продажба, маркетинг, образование, и земјоделие. Најголем дел од нив се мали (41) и микро (16) претпријатија, додека останатите се средни (9). Овие компании се од 16 града, од кои во најголем дел од Скопје, Струмица, Прилеп, Битола, Тетово и Неготино. Проектите на овие компании, кои ја поминаа фазата на претселекција, ќе ги разгледува Комитетот за одобрување на инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти, а сите се оценуваат согласно дефинираните критериуми:, технолошки напредок, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на проектниот тим и влијание на проектот, наведува Фондот.

И овие компании ќе можат да ја искористат новововедената можност според која предлог проектите за кои Комитетот ќе смета дека сѐ уште не се подготвени за финансирање ќе имаат можност да одговорат на доставените коментари и препораки. За оние кои ќе ја искористат таа можност Комитетот повторно ќе ги разгледа нивните аргументи по што ќе донесе конечна одлука. Целта на оваа двонасочна комуникација е подобрување на комуникацијата со апликантите, транспарентност и подобрени услуги.

– Согласно претходните известувања, Комитетот ќе ги разгледа и евалуира проектите, но конечна одлука ќе биде донесена по завршување на изборниот процес, кога ќе се објават и резултатите. Инаку, во рамките на овој повик по редовна постапка беа пријавени 74 предлог проекти, од кои дел отпаднаа во фазата на административна постапка, а дел во фазата на претселекција. Повикот беше отворен од 13 декември 2019, а поради големиот интерес и на барање на домашните компании, рокот за аплицирање по редовна постапка беше продолжен до 10 февруари 2020 година, информира Фондот за иновации.

Поврзани вести

Колку и како домашните компании донираа за време на кризата?

msp-admin

Дали доаѓа крајот на револуцијата со шкрилци во САД?

Влатко Зорба

Г7 вети континуирана фискална поддршка за економиите

Влатко Зорба