СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

КОВИД И ПОНАТАМУ ГИ ЗАГРИЖУВА ИНВЕСТИТОРИТЕ: Цените на акциите на светските берзи паднаа

Минатата недела, цените на акциите на светските берзи значително паднаа, откако поради натамошното ширење на коронавирусот и слабите макроекономски показатели, се срушија надежите за брзо закрепнување на светската економија од корона-кризата, пишува порталот „SEEbiz“.

На Волстрит, „Дау Џонс“ минатата недела падна за 0,9 проценти, на 30.814 поени, додека „Ес енд Пи 500“ се лизна за 1,5%, на 3.768 поени. Индексот „Насдак“, исто така, падна за 1,5 процент на 12.998 поени. Во првиот дел од неделата, овие индекси пораснаа, достигнувајќи нови рекордни нивоа, бидејќи пазарите беа добро расположени во пресрет на новите економски стимулативни мерки.

Бидејќи Демократите освоија мнозинство во двата дома на Конгресот на САД, инвеститорите сметаат дека ова ќе му олесни на новоизбраниот претседател Џо Бајден да донесе нови фискални стимулативни мерки.

Претседателот на американската централна банка, Џером Пауел, исто така, даде поддршка на пазарот во текот на неделата, велејќи дека зголемувањето на каматните стапки не може да се очекува толку брзо и дека ФЕД ќе продолжи да купува обврзници.

Ниските каматни стапки и купувањето обврзници од страна на централната банка се одговорни за ефтините пари и високата ликвидност на финансиските пазари, што со месеци го поддржува растот на берзата, иако корона-кризата продолжува да врши притисок врз економијата.

Слаби економски индикатори

Но, во втората половина на неделава, цените на акциите паднаа поради слабите економски индикатори. И покрај големите фискални и монетарни стимулативни мерки, пазарот на трудот во САД не успева целосно да се опорави од силниот пад минатата пролет и избувнувањето на корона-кризата.

Ова го покажаа минатата недела податоците, според кои бројот на први барања за помош на невработените се зголеми повторно една недела порано.

Покрај тоа, податоците покажаа дека во декември, за време на празничната потрошувачка треска, прометот во трговијата на мало во САД повторно опадна, трет месец по ред, што укажува на слабост на потрошувачката, најголемиот двигател на најголемата светска економија.

„Послабите од очекуваните економски податоци, особено за прометот во малопродажбата, се големите двигатели на пазарот. Се чини дека оптимизмот беше претеран, шпекулативен на почетокот на неделата. Понекогаш не е потребен двигател за пазарот да почне да паѓа под сопствената тежина“, вели Лиз Ен Сондерс, директор за стратегија во „Чарлс Шваб“.

Инвеститорите беа загрижени и за веста за континуираното ширење на коронавирусот во светот, па токму затоа, на пример, Франција и Германија најавија продолжување на ограничувачките мерки.

Во Кина, од друга страна, повеќе од 28 милиони луѓе се наоѓаат во „локдаун“, а во петокот беше објавено дека во последните 24 часа е забележан најголем број нови случаи на инфекција во последните 10 месеци.

Следи сезоната на бизнис резултати

Инвеститорите, исто така, се во состојба на готовност затоа што започна сезоната на објавување деловни извештаи на компаниите за последниот квартал од минатата година, што значително ќе влијае на насоката на пазарот во наредните недели.

Во анкета на Ројтерс, аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите од индексот „Ес енд Пи 500“ во четвртиот квартал на 2020 година е за 9,5 проценти помалку од претходната година.

Цените на акциите паднаа и на европските берзи минатата недела. Лондонскиот индекс ФТСЕ потона за 2 проценти, на 6.735 поени, додека франкфуртскиот „ДАКС“ падна за 1,9 проценти, на 13.787 поени, а парискиот „CAC“ – 1,7 проценти, на 5.611 поени.

На берзата во Токио, пак, индексот „Никеи“ порасна за 1,35 проценти, на 28.519 поени.

Поврзани вести

iPhone 12 доминира на 5G пазарот во САД

Влатко Зорба

Имавте ли оваа година доход од закуп или капитална добивка?

msp-admin

„Нетфликс“ влегува во индустријата на видео игри