СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Македонски производи ќе се продаваат во Лулу хипермаркетите во Катар

Вчера, в.д. амбасадоркатата на Република Северна Македонија во Катар, г-а Елма Алторок потпиша меморандум за соработка со д-р Мохамед Алтхаф, директор на хипермаркетите Лулу (Lulu Hypermarket), најголемиот ланец на хипермаркети на Блискиот Исток и еден од најголемите во Азија, со кој ќе се промовира деловна соработка за увоз на земјоделски производи, месо, производи од месо, македонски ајвар и повеќе сорти сирење во Катар.

Со овој меморандум, амбасадата ќе го олесни процесот на воспоставување на трговски врски помеѓу потенцијалните добавувачи од Северна Македонија и хипермаркетите Лулу во Катар, за редовен увоз на производи од нашата земја.

Амбасадорката Алторок, во своето обраќање на церемонијата за потпишување на меморандумот, која се одржа во главното седиште на Лулу Хипермаркетите во Катар, посочи дека со овој меморандум се започнува со промовирање на македонската традиционална храна во оваа земја.

„Иницијативата е дизајнирана за да промовира и изложи широк спектар на традиционални jaдења, производи од Северна Македонија, кои ќе ја приближат уникатната приказна за извонредната македонска кујна и храна. Ние веруваме дека ова е почеток на успешна приказна, која што ќе ни помогне да ги запознаеме граѓаните на Катар и да го промовираме квалитетот на македонска храна на локалниот пазар”, нагласи в.д. амбасадорката Алторок.

Директорот на хипермаркетите Лулу, рече дека ова е првата можност за извоз на македонски производи во Катар, како и дека се среќни што на полиците во нивните хипермакети ќе се најдат производи од Северна Македонија.

„Со потпишување на овој меморандум за соработка го започнуваме нашето заедничко патување. Истражуваме се повеќе и повеќе линии на производи. Заедно ќе го прошириме асортиманот на производи и мислам дека ова ќе биде огромен поттик и за Северна Македонија, и за хипермаркетите Лулу како и за Катар во однос на увоз на квалитетни производи “, рече тој.

Првите производи што ќе бидат извезени од Северна Македонија во Катар се овошје и зеленчук, јагнешко месо и месни производи, традиционален македонски ајвар, сорти на сирење и здрави прехрамбени производи.

Лулу хипермаркетите се дел од меѓународната групација Лулу (Lulu Group International), која поседува околу 195 бјекти за малопродажба, вработува 57.000 лица, со годишен приход од околу 7,4 милијарди долари. Лулу хипермаркетите се најголем малопродажен ланец во земјите од Блискиот исток и еден од најголемите ланци во Азија, со што на македонските производители им се дава огромна можност да ги пласираат своите производи на странски пазар и на тој начин да го зголемат производството, да ја подобрат конкурентноста и да остварат поголеми приходи и профит.

Поврзани вести

Безос го поддржува предлогот на Бајден за зголемување на даноците на компаниите

Влатко Зорба

„Мајкрософт“ размислува целосно да го купи „ТикТок“

msp-admin

Објавени најуспешните претприемачи за 2019 година

msp-admin