СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Mеѓународна конференција „Жени во индустријата“

Mеѓународна конференција „Жени во индустријата“ ќе се одржи денеска и утре во Скопје, во организација на Асоцијацијата на здруженија на инженери и ЕВН Македонија АД.

Дводневната конференција се одржува под мотото „Здружени лидери за унапредување на родовата еднаквост“ и ќе вклучи учесници од различен профил, меѓу кои извршни директори, сопственици, претседатели, менаџери и жени вработени во сите организациски нивоа на домашни и меѓународни компании, како и студенти и активисти.

Образование, регрутирање и вработување, развој на кариера, ангажирање и задржување на вработените се само некои од темите на кои ќе дискутираат водечки експерти во различни области од Северна Македонија, Австрија, Италија, Холандија и од Шведска.

Конференцијата е најавено да ја отвори премиерот Зоран Заев.

– Горди сме што веќе трета година по ред ја организираме оваа меѓународна конференција, чија главна цел е промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жената во општеството. Годинава вклучуваме и повеќе индустрии во кои доминира машкиот пол, а во фокусот се вмрежувањето и запознавањето со светските трендови, по примерот на водечките компании и експертите од различни области. Со Асоцијацијата на здруженија на инженери како наш стратегиски партнер и останатите поддржувачи на настанот продолжуваме да ги поттикнуваме сите засегнати страни проактивно да земат учество во охрабрувањето и зајакнувањето на позицијата на жената во општеството, особено во бизнис-секторот, истакнува Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

„Жени во индустријата“ е меѓународна конференција со економски императив за создавање родово инклузивен и одржлив раст, фокус на презентирање програми и иницијативи што го забрзуваат вклучувањето на жените во работната сила, идентификување алатки што ќе го олеснат пристапот на жените до разните кариерни можности, како и обезбедување средина во која жените професионалци и студентите имаат можност да преземат конкретни чекори кон унапредување на кариерата преку вмрежување и проширување на можностите за образование.

Поврзани вести

Продажбата на електрични автомобили му помогна на Mercedes да ги исполни целите за емисиите на штетни гасови

Влатко Зорба

iPhone 12 доминира на 5G пазарот во САД

Влатко Зорба

Како помина првиот квартал за компаниите што котираат на берза

msp-admin