Минатата година, обележана со пандемија на коронавирусот, за Lamborghini беше истовремено најпрофитабилна во историјата, изјави познатиот италијански производител на луксузни автомобили.
„Изненадени сме од податоците. Идеалната комбинација на модели и прилагодувањето на нашите производи според барањата на клиентите ја зголемија профитабилноста на највисоко ниво досега“, изјави Стефан Винкелман, шеф на популарната италијанска марка со традиција од 58 години, пренесе „Блумберг“.
Винкелман под тоа подразбира неверојатен успех на моделот Urus SUV и распродадената ограничена серија суперавтомобили како што е Sian, чија цена е 3,7 милиони долари.
Италијанската автомобилска компанија, членка на групацијата VW, минатата година продаде 7.430 автомобили ширум светот, втор најдобар резултат од 2019 година кога беа испорачани 8.250 примероци.
Lamborghini одби да прецизира точно која е оперативната маржа или колку таа се зголеми како процент од 2019 година, но рече дека приходите од минатата година биле 1,61 милијарди евра (1,93 милијарди долари), што е за 11 проценти помалку од 2019 година. Компанијата припишува помал приход на двомесечното исклучување на производството заради пандемијата од минатата пролет.
Соединетите држави, со испорачани 2.224 возила, останаа најголемиот пазар на Lamborghini, следени од Германија со 607 продадени единици и Кина, каде беа продадени 604 автомобили.
Откако извештаите од Кина покажуваат раст на продажбата досега во 2021 година, таа земја треба да заврши втора годинава, вели Винкелман.