Трошоците на живот во септември, во однос на претходниот месец, се намалени за 0,2%, а кај цените на мало има намалување од 1,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Намалување на трошоците на животот во септември 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 4,5%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,7%.
Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 3,5%, медиумите за снимање за 3%, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,2%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 1,1%, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,6%, мебелот и покуќнината, големите електрични апарати за домаќинствата, градините, растенијата и цвеќињата за 0,5%, теписите и другите подни покривки за 0,3%, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,2%.
Пораст на трошоците на животот во септември 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 4,7%, месото за 1,1%, виното за 1%, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 0,7%, маслото и маснотиите за 0,6%, лебот и житата за 0,4%, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,2%.
Во септември, исто така, пораст на трошоците на животот, е забележан и кај книгите за 1,6%, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 1,1%, облеката за 1%, обувките за 0,9%, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,6%, фризерските салони и центрите за разубавување, другите лични предмети за 0,5%, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 0,4%, моторните возила за 0,3%, другите медицински производи за 0,2%.
Трошоците на животот во септември 2020 година, во однос на септември 2019 година, бележат зголемување од 1,9%, а кај цените на мало имаше зголемување од 1%.