СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

СКМ: 2019-та беше година на стабилизирање на состојбите и враќање на градежништвото во колосек

Актуелните состојби во градежништвото и потребата од продлабочена соработка помеѓу научно-истражувачкиот и реалниот градежен сектор во насока на креирање поголема конкурентност и додадена вредност во работењето на градежните компании беа тема на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија.

-Анализирајќи ги податоците, може да констатираме дека изминатата година беше година на стабилизирање на состојбите и враќање на градежништвото во колосек како еден од главните креатори и индикатори на бруто-домашниот производ. Според податоците на Државниот завод за статистика, согласно волуменските индекси кај БДП според производниот метод, во првите три квартали од 2019 година во однос на истите од 2018 година, градежништвото забележа раст од 5,63%, – истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Комората.

Претседателот на Здружението даде краток преглед на состојбите во секторот информирајќи дека во периодот јануари – ноември 2019 година бројот на издадени одобренија за градење бележи раст од 6% во однос на јануари – ноември 2018 година, додека предвидената вредност на објектите, во компарираниот период бележи пад од 2,6 %. Реализацијата на капиталните инвестиции предвидени со ребалансот на Буџетот во 2019 година изнесувала 17.8 милијарди денари, односно 78,44 % од предвидените. Дополнително, реализацијата на инвестициите преку Јавното претпријатие за државни патишта изнесувала 11.1 милијарда денари (181 милион евра), што претставува значителен пораст од 39,26 % во споредба со 2018 година.

Според податоците, во периодот јануари – октомври 2019 година биле договорени градежни работи во вкупна номинална вредност од 54.5 милијарди денари и истите бележат раст од 25,5 % во однос на периодот јануари – октомври 2018 година. Исто така, со Буџетот за 2020 година се планирани капитални расходи во износ од 23,8 милијарди денари, во чии рамки најзначајно учество имаат инвестициите во патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура на кои отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи, додека преку Јавното претпријатие за државни патишта планирани се инвестиции во износ од околу 12 милијарди денари.

„Се надеваме на стабилен и одржлив градежен сектор и покрај претстојните политички случувања во државата, а податоците и планираните капитални проекти влеваат оптимизам дека 2020 година може да биде година на изградба доколку се реализираат договорените градежни работи и планираните инвестиции што ќе повлече и зголемен ангажман на градежната оператива и зголемен обем на извршени градежни работи во следниот период“, – заклучи Серафимовски.

Со цел зголемување на конкурентноста на градежниот сектор и креирање поголема додадена вредност во работењето на компаниите-членки на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на денешната прес-конференција беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу Здружението и четири научно-истражувачки асоцијации – Друштвото на градежни конструктори, Друштвото за патишта, Друштвото за геотехника и Здружението „Македонски комитет за големи брани“.

Поврзани вести

Велика Британија има за цел да се приклучи на Пацифичката зона за слободна трговија

Влатко Зорба

Халкбанк декемвриската пензија за своите пензионери ќе ја исплати на 30-ти декември

msp-admin

Ако ни текнеше да инвестираме во Apple, Amazon, Tesla, Microsoft и Facebook

Влатко Зорба