Министерот за екологија, просторно планирање и урбанизам на Црна Гора, Ратко Митровиќ даде зелено светло за изградба на луксузно туристичко одморалиште, „Смоква беј“, на локалитетот Смоквица кај Режевиќ.
Ова е прв потпис на Митровиќ на инвестициски проект откако пред неколку месеци беше назначен за првиот човек на црногорскиот урбанизам, пишува Вијести.
Митровиќ даде согласност за идејното решение за идното туристичко одморалиште со хотел со пет sвездички во Смоквица, што беше доставено до главниот државен архитект од конзорциум на компаниите V.A.S. Invest, Boticelli Land Development и Ava Development, поддржани од руско-израелски капитал. Тие имаат намера да инвестираат 260 милиони евра во проектот.
Со ова, како што пишува весникот, конечно се стави крај на скоро една деценија и долга агонија, низ која поминуваат инвеститорите, од кога, во 2005 година, тие купија 13 хектари земја од локалното население и општина Будва за 25 милиони евра
Во меѓувреме, инвеститорите, кои со години чекаа да бидат усвоени планските документи, купија уште четири хектари, а пред две години започнаа со земјени работи и изградба на инфраструктура, за што потрошија дополнителни 12 милиони евра.
„Смоква беј“ предвидува комплекс од два хотели со станбен комплекс вили, кои ќе каскадираат до морето и изградба на голем број помошни објекти, од рекреативни до трговски и угостителски објекти.
Тоа е првото приватно летно одморалиште на црногорскиот брег.