Меморандумот за разбирање за проектот „Белградско метро“ го потпишаа денеска министерот за финансии на Србија Синиша Мали, претставници на Град Белград, француската групација „Алмстом“, француската компанија „Ежис Рејл“ и кинеската „Пауер Чајна“.
Мали рече дека има голем број активности во подготовките за изградба на метрото што не се гледаат секојдневно и изјави дека е усвоен детален план за регулирање на Макишко поле, каде работите треба да започнат до крајот на годината.
Како што наведе, на тоа место ќе се гради големо депо, од каде ќе започне изградбата на првата линија на метро, која ќе минува низ локацијата „Белград на вода“, центарот на градот и Карабурма до Миријево, додека втората линија ќе оди од Миријево до Нови Белград и Земун“.
Мали посочи дека во изминатиот период е направено многу во подготовките за почетокот на изградбата на метрото, како што се прифизибилити и физибилити студијата, проектот за изградба на железничкиот систем, деталниот план за регулација, генералниот план за регулирање.
Исто така, беше договорено Французите да работат на испорака на возови и електромеханички подсистеми, односно опрема за метрото, а „Пауер Чајна“ ќе изврши градежни работи, односно инфраструктурни објекти.
Белградското метро ќе биде најмодерно, целосно автоматизирано, без машиновозач, а при изградбата ќе се користат најсовремените машини за тунели – „кртови“, беше речено по тој повод.