СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Стареат работниците во голем број на сектори во Македонија

Просечната возраст на сметководителите во македонските фирми е 55,4 години, а идентична ситуација е регистрирана и кај архитектите. Со години наназад се постари се и градежните работници, рударите, фабричките работници. Според Горан Рафајловски – основач на бирото за економско – правен консалтинг и ревизија „Рафајловски консалтинг“ неколку фактори се основни за ваквиот загрижувачки тренд.

„Никој не сака да работи како сметководител. Младите, при упис на факултет најчесто бираат факултети на кои се изучува менаџмент, дипломатија, право. Сакаат да работат во државна фирма или да се претприемачи, а најчесто бараат работа надвор од земјата. Не сакаат ни да размислуваат за струка, за занает, а сметководството е токму тоа“ вели Рафајловски.

Оттука, според него се соочуваме со апсурд на пазарот на труд , каде од една страна имаме 1.300 адвокати, а од друга 9.000 сметководители кои за десетина години ќе се намалат на 6.000. Според Рафајловски, едно од решенијата е образованието да се реформира и да се прилагоди на потребите на пазарот на труд.

Високата просечна возраст на работниците во одредени дејности ја потврдуваат и во Сојузот на синдикатите на Македонија. Во ситуација кога се наметнува дилемата дали нашето стопанство се соочува не само со дефицит на пазарот на труд туку и со недостиг на стручен кадар, синдикатот сугерира неколку решенија. Според нив, потребно е намалување на старосната граница за заминување во пензија, образовниот систем да се прилагоди на побарувањата на работодавачите, но неопходно е и компаниите да ги отворат вратите за примање на работници без работно искуство за да можат да се обучат, а потоа адекватно да се вклучат во работењето на компаниите.

„Потсетуваме дека во вториот квартал од 2020 година според податоците на ДЗС, бројот на невработени лица изнесува 166.363 и тие можат во секој момент да се вклучат на пазарот на труд, бидејќи помеѓу нив голем дел е и стручен кадар“, велат во ССМ.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, вложени се напори за намалување на празнината помеѓу знаењето кое се стекнува преку образовниот систем и вештините кои ги бараат работодавачите.

„Образовните политики се во насока на зајакнување на стручното образование и обука.Ревидирани се наставните програми за тригодишно и двегодишно стручно образование, а во изминатиот период Владата донесе повеќе законски решенија со кои се поттикнуваат младите да работат во производствените дејности, но и да се запишувааат во стручните училишта. Подршката на младите до 23 години кои засновале работен однос во производствените дејности се реализира преку имплементација на Законот за младински додаток. Исто така, со Законот за практиканство обезбедени се поволности како за практикантите, така и за работодавачите. Заклучно со втор квартал од 2020 година вкупно 196 работодавачи ги искористиле можностите што ги нуди овој Закон.Особено важни се и дуалното образование, како и програмите и обуките кои го подржуваат доживотното учење“, вели Царовска.

Како претстојни проекти ги посочува активностите за воведување три регионални центри за стручно образование и наука. Во Министерството се задоволни од успехот на досегашните чекори бидејќи конкретните показатели покажуваат зголемен интерес на младите лица за стручните дејности.

Според Министерството за труд и социјална политика условите за престанок на договорот за работа поради возраст се предвидени со Програмата за работа на Владата на РСМ која треба да се имплементира во следниот период. Поконкретните услови ќе се уредат со законски измени кои треба да се усвојат од страна на Парламентот но претходо истите ќе бидат достапни за јавноста, при што секое решение кое е во интерес на остварување на поставената цел а во насока на подобрување на законското решение, ќе биде прифатено, велат од МТСП.

Поврзани вести

Фабриката на Tesla во Германија ќе произведува 500.000 електрични возила годишно

msp-admin

Кои се тројцата претставници на серијата Huawei P40 што ќе се продаваат во земјава?

msp-admin

„Swarovski“ затвора 33 продавници во Австрија

Влатко Зорба