Услугата за дигитален паричник и мобилни плаќања на Apple станува сè попопуларна, во голем дел заради нејзината достапност во се повеќе продажни места и региони, според студијата на „Бернштајн“, цитирана од „Кварц“. Во неа се наведува дека Apple Pay е еден од најголемите конкуренти на системот за плаќање преку Интернет – PayPal.
Анализата покажува дека услугата веќе се користи во околу 5% од сите трансакции низ целиот свет, и доколку се задржи сегашната стапка на развој, нејзиниот удел би можел да достигне 10% до 2025 година. Сето ова, според истражувањето, доаѓа на штета на PayPal, а во теорија е дури и можно да се натпреварува со Visa и MasterCard. Во овој момент, сепак, на Apple сè уште му требаат системите за картички на двете компании.
Visa и MasterCard обработуваат трансакции вредни повеќе од 14 трилиони долари годишно, а овој волумен продолжува да расте. Ова се припишува на зголемениот број на онлајн плаќања и плаќања преку разни апликации. Покрај тоа, употребата на пари се намали во некои земји.
Минатата година, извршниот директор на Apple, Тим Кук изјави дека обемот на трансакциите преку Apple Pay расте четири пати побрзо од оној на PayPal. Според него, системот го надминува PayPal по уште еден показател – стекнување нови корисници. Компанијата од Купертино го користи својот затворен екосистем и ограничувањата за користење на NFC конективноста за плаќања со iPhone од конкурентни услуги.
Во посебна студија, Juniper Research посочува дека безконтактните плаќања можат да достигнат 6 трилиони американски долари на глобално ниво до 2024 година. Еден од главните двигатели за ова се чини дека е повторно Apple Pay, а региони со најголем раст се САД и Кина. Аналитичарите очекуваат безконтактните плаќања да достигнат промет од повеќе од 1,5 трилиони американски долари во САД во 2024 година, со околу 178 милијарди американски долари во 2020 година.