Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ја забрани апликацијата за споделување видео TikTok во САД, за која Вашингтон се сомнева дека ја користи кинеската разузнавачка служба.
„Што се однесува до TikTok, ние ќе го забраниме во САД“, рече Трамп пред новинарите во петокот вечер.
Апликацијата беше под истрага од страна на американската агенција надлежна да се осигура дека странските инвестиции не претставуваат закана за националната безбедност. Американските власти изразија страв во последните неколку недели дека Пекинг би можел да го искористи за да им наштети на САД.
TikTok негира споделување на податоците со кинеските власти.
„Ние немаме никаква врска со политиката и не прифаќаме политички реклами и немаме агенда. Нашата единствена цел е да бидеме динамична и живописна платформа што сите ја ценат“, рече претседателот на TikTok, Кевин Мајер.
Џејмс Луис, шеф на програмата за технолошка политика во Центарот за стратешки и меѓународни студии, оцени дека безбедносната закана од TikTok е скоро „нула“. Сепак, тој додаде дека се чини дека компанијата ByteDance, која е сопственик на таа апликација, е под притисок од Пекинг.
Оваа социјална мрежа е спорна и надвор од САД. Во Индија, TikTok е блокиран од 30 јуни и наведува 59 кинески апликации блокирани за да се обезбеди „безбедност и суверенитет на сајбер-просторот“, а Пакистан неодамна бараше администрацијата на TikTok да ги блокира сите „неморални, непристојни и вулгарни“ содржини.
TikTok постои од 2016 година и има повеќе од 800 милиони активни корисници, најмногу на возраст меѓу 16 и 24 години, од кои дури 43 проценти во Индија. Само во САД апликацијата има 30 милиони активни корисници месечно.