Volkswagen AG размислува да го оддели Porsche AG и да ги собере одделно акциите на производителот на спортски автомобили, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на свои извори. Таквиот потег ќе ја зголеми вредноста на компанијата, велат тие.
Германскиот производител, втор по големина во светот, разговара со советници и сè уште не донел конечна одлука за IPO или одделување на Porsche. Volkswagen може да ги искористи приходите за аквизиции или инвестиции. Ако групата одлучи да направи таков потег, Porsche може да излезе самостојно на берзата следната година, а Volkswagen да го задржи мнозинскиот пакет акции.
Компанијата одби официјално да коментира.
Во 2012 година, Volkswagen ги купи преостанатите 50,1% од Porsche за 4,46 милијарди евра. Со договорот се стави крај на 7-годишната сага што подели две од најмоќните семејства во Германија.
Двете компании се согласија да ги здружат силите уште во 2009 година, кога Porsche акумулираше повеќе од 10 милијарди евра долг по неуспешниот обид за купување на Volkswagen.
Претходно во јануари, извршниот директор на Volkswagen, Херберт Дис, рече дека проценката на компанијата е релативно ниска во споредба со проценката на конкурентските производители на електрични автомобили, а зголемувањето на истата бара побрза трансформација. Тој се пожали дека производителите на електрични автомобили биле во можност да го искористат оптимизмот за идна продажба. Во исто време, инвеститорите не ги гледаат толку добро традиционалните производители, кои допрва треба да инвестираат милијарди во развој на електрични возила и во преструктуирање на нивните активности.
Акциите на VW пораснаа до 5,7%. Со пазарна капитализација од околу 766 милијарди долари, Tesla е седум пати поскап од VW, кој се проценува на 89,5 милијарди евра (108 милијарди долари).