СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

За прв пат во историјата: Жена на чело на СТО

Светската трговска организација денес назначи нов генерален директор – д-р Нгози Окоњо-Ивеала од Нигерија, прва жена и Африканка на таа позиција.

Окоњо-Ивеала стана првата жена и првата Африканка на чело на глобалното трговско тело, со кое СТО напиша нова страница во својата историја, која датира од 1995 година, објавена е на веб-страницата на таа светска организација.

Окоњо-Ивеала беше назначена за челната позиција откако последниот преостанат противнички кандидат, јужнокорејскиот министер за трговија Јо Мијунг-хе се повлече од трката.

Окоњо-Ивеала ќе стапи на должност на 1 март, а нејзиниот мандат ќе трае до август 2025 година.

Економистот и поранешен министер за финансии на Нигерија, Окоњо-Ивеала, доби широка поддршка од членките на СТО, вклучително и поддршка од Европската унија, Кина, Јапонија и Австралија.

САД под поранешниот претседател Доналд Трамп, го фаворизираа јужнокорејскиот кандидат и остро ја критикуваа работата на СТО, парализирајќи некои нејзини активности, вклучително и функционирањето на врховното апелационо тело на регулаторот за глобална трговија, кое е одговорно за пресуда за трговски спорови.

СТО, која има 164 земји-членки, остана без лидер откако Бразилецот Роберто Азеведо се повлече од функцијата една година пред истекот на мандатот, и ја напушти функцијата на почетокот на август 2020 година.

Поддржувачите на Окоњо-Ивеала се надеваат дека ќе може да ја оживее оваа институција, која минува низ најголемата криза во својата 26-годишна историја, поради дијаметрално спротивставени позиции меѓу членовите кои не можат да се договорат за трговски договори и реформска програма.

Таа посочи дека е потребна силна Светска трговска организација за да се помогне во борбата против економските влијанија на пандемијата на коронавирус.

„Со нетрпение очекувам да работам со членовите за да ги обликуваме и имплементираме одговорите и акциите што ни се потребни за повторно воспоставување на глобалната економија. Нашата организација се соочува со многу предизвици, но заедно можеме да го направиме СТО посилно, поагилно и прилагодливо на денешните предизвици“, рече таа.

Поврзани вести

Кинезите ја ограничуваат употребата на автомобилите на „Тесла“ поради шпионажа?

Влатко Зорба

Ненадејна понуда за „Carrefour“

Влатко Зорба

Еврозоната закрепнува подобро од очекуваното: Услужниот сектор се прилагоди на блокадите

Влатко Зорба