Најпопуларната криптовалута, кон која во последно време се обраќаат дури и најголемите скептици, започна драстично да паѓа. Потсетуваме, во средината на март, биткоинот ја надмина вредноста на 60.000 долари, а сега вреди „само“ околу 36.500 долари.
Ова е, всушност, доказ за тоа колку т.н. ризичните средства можат да бидат несигурни, односно тие ја оправдуваат таа титула. Но, тоа е суштината: да беа посигурни, нивната вредност немаше да варира и да расте толку многу. Оние кои одамна го препознаа потенцијалот на биткоин, сега етереум и други криптовалути – сега се во добивка, но малкумина знаат што носи иднината.
Пред 4 дена, биткоинот првпат падна на ниво под 40.000 долари, по 14 недели, а потоа вредеше околу 38.585. Тој пад сега продолжува, а вредноста е намалена и на другите дигитални монети како што се етереум и доџкоин.
Тековната загуба, сепак, не значи дека биткоинот нема да се опорави.
„Можеби е подобро да се гледа на него како култ со бесконечни шанси за преживување“, рече познатиот нобеловец за економија Пол Кругман, кој повеќе не верува дека крипто-валутите ќе исчезнат.