Искрено се надевам дека Агенцијата за филм ќе продолжи да поддржува се повеќе режисерки и продуцентки. Има тенденција да се прикаже дека жените се еднакво застапени во филмската индустрија на светско ниво, но апсолутно не е така. Лесно е да се направи илузија дека е различно, со прикажување на изолирани случаи, но треба да се погледне статистиката, а таа кажува дека нема родов баланс во филмската индустрија, вели во кратко интервју за „Стандард лајф“ Дина Дума, режисерката на „Сестри“, кој е првиот македонски филм кој ќе се прикажува на Нетфликс.
Според неа, во нашата земја жените не се присутни во јавната сфера на општеството, но не се присутни ни на авторските позиции во филмската индустрија.
-Промените во едно вакво младо општество како нашето не се случуваат брзо. Со самото тоа што Агенцијата за филм финансира филмови од женски авторки се гледа дека работите почнуваат да се менуваат, порача таа.
Како ја доби идејата за филмот „Сестри“, која е позадината?
-Се инспирирав за „Сестри“ од средношколските денови. Кога бев на иста возраст како и протагонистите во филмот во моето средно училиште имаше снимка со експлицитна содржина помеѓу една девојка и дечко. Се сеќавам дека за девојката ова значеше крај на светот, ги изгуби другарките, смени училиште, смени личен изглед, за на крај да се пресели во друга земја, а дечкото стана херој во училиштето. Никој од професорите не направи ништо за да ѝ помогне на девојката, туку и тие допринесоа до тоа таа да си замине.
Оваа неправда остана со мене и од тука се роди првичната приказна за „Сестри“. На некој начин сакав да потенцирам дека живееме во време во кое „клик“ на телефонот може да уништи нечиј живот.
Сценариото за „Сестри“ се пишуваше три години, интензивно, и помина долг пат на промени.
Како се чувствуваше додека го снимаше филмот?
-Еуфорично…
Со оглед на тоа што во Македонија има многу малку режисерки и продуцентки, дали конечно дојде време жените да се изразат на главните позиции во филмското производство?
-Искрено се надевам дека Агенцијата за филм ќе продолжи да поддржува се повеќе режисерки и продуцентки. Има тенденција да се прикаже дека жените се еднакво застапени во филмската индустрија на светско ниво, но апсолутно не е така. Лесно е да се направи илузија дека е различно, со прикажување на изолирани случаи, но треба да се погледне статистиката, а таа кажува дека нема родов баланс во филмската индустрија, соодносот е 20 со 80%.
Во нашата земја жените не се присутни во јавната сфера на општеството, но не се присутни ни на авторските позиции во филмската индустрија. Промените во едно вакво младо општество како нашето не се случуваат брзо. Со самото тоа што Агенцијата за филм финансира филмови од женски авторки се гледа дека работите почнуваат да се менуваат.
Кој македонски филм ти е омилен?
-Ханиленд!
Што можеме да очекуваме во иднина од тебе?
-Моментално работам на мојот нов филм „Скејтањето не е за девојчиња“ кое го развивам со помош на програмата „Резиденција на Канскиот“ фестивал.
Р.Т.