СТАНДАРД life
МК Сцена

Лабина Митевска е годинашна добитничка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе и биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

„Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот старт критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еден од најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка со која и лично сум имал можност да соработувам. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, истакна на денешната прес-конференција, Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.

Лабина Митевска е родена е на 11 октомври 1975 година. Основно и средно училиште завршува во Скопје, а образованието го продолжува на факултетот за Уметност и археологија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добива стипендија за европскиот колеџ за филмови во Данска, каде се дообразува, а Историја на уметност студира на универзитетот во Тусон, Аризона, САД. Својата актерска кариера, Митевска ја започнува во 1994 година со една од главните улоги во филмот „Пред дождот“ во режија на Милчо Манчевски, филм кој го добива „Златниот лав“ во Венеција, а потоа следат бројни улоги во познати филмови: „Туку така под облака“, „Добредојдовте во Сараево“, „Те сакам тебе“, „Премногу лош така што Балканскиот експрес беше претходно употребен“, „Како убив светец“, „Бубачки“, „Тајната книга“, „Јас сум од Титов Велес“, „Превртено“, „Кога денот немаше име“, „Господ пости, името и е Петрунија“, „Најсреќниот човек на светот …

Покрај актерството, Митевска е автор и на бројни есеи објавени во весници и списанија, зборува чешки, германски и англиски јазик, во два наврати соработувала со режисерот Мајкл Винтерботом, во 2001 година била член на жирито на Фестивалот во Карлови Вари и во неколку наврати беше директор на ИФФК „Браќа Манаки“. Со нејзината сестра Теона С. Митевска и братот, Вук Митевски ја оформуваат продукцијата „Сестри и брат Митевски“ со која снимаат бројни краткометражни и долгометражни играни филмови кои се прикажуваат на фестивалите во Берлин и Венеција. Со филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ го свртеа вниманието на европската и на светската филмска јавност, и беа меѓу трите финалисти за престижната европска награда „Лукс“. Лабина и Теона, по поддршката која ја добија од Еуримаж, Агенцијата за филм, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево го завршија последниот проект, филмот „Најсреќниот човек на светот“ по сценарио на Елма Татарагиќ, кој беше избран за македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).

Поврзани вести

Шарла Рекордс продолжува со одбележување на 10-годишнината од своето постоење со нова концертна промоција

Urednik

Гочева најави концерт на „Вајб мјузик фестивал“

Radmila Tasevska

Македонија 16 години без својот музички ангел Тоше Проески

Radmila Tasevska