Австралискиот танчар со македонско потекло Мајкл Дамески (30) гостуваше во американската утринска емисија „Тудеј шоу“, каде што зборуваше за својата соработка со музичката ѕвезда Лејди Гага.
Дамески, кој потекнува од семејство со корени од Прилеп, ја доби главната машка улога во новиот видеоспот на Лејди Гага за песната „Abracadabra“.
View this post on Instagram
Дамески во гостувањето откри дека патот до оваа соработка бил нетипичен, но искрен и храбар.
– Искрено, веќе претходно работев со нејзиниот кореограф. Имав малку помирна година и одлучив едноставно да ѝ испратам директна порака на Инстаграм. Ѝ напишав дека би сакал можност да работам со Лејди Гага. Две недели подоцна добив мејл во кој ме прашаа дали сум слободен за видеото – раскажа Дамески.
На прашањето дали поминал низ класичен процес на аудиција, тој одговори без двоумење:
„Немаше аудиција. Само ја побарав можноста – и таа се оствари.“
Особено емотивно зборуваше за првата средба и заедничкиот танц со Лејди Гага.
– Никогаш нема да го заборавам моментот кога првпат влегов во просторијата со неа. Тоа ни беше и првпат да танцуваме заедно. Веднаш се поврзавме и си реков: „Целиот живот чекав ваква можност“ – истакна тој.
Зборувајќи за нејзиниот професионализам, Дамески нагласи дека Лејди Гага е уметник од исклучителен калибар.
– Таа е неверојатна – танцува, пее, свири инструменти. Кога таа на сцена дава 100 проценти и ние даваме 100 проценти. Затоа е толку инспиративно да се работи со неа – рече танчарот.
Кога Мајкл Дамески имал шест години, се пријавил на својот прв натпревар по танц „Австралискиот танчар идол 2001“ (The Australian Dance Idol 2001). Без никаква формална обука за танц, Дамески се пласирал меѓу првите 10 на натпреварот. Потоа, се обучувал во училиштето за танц „Гленда Ји“ кое се наоѓа во Касула, Нов Јужен Велс. Подоцна, Дамески се обучувал во студијата „Брент стрит“ во Мур Парк, Нов Јужен Велс, каде што му била дадена можност да ја претставува Австралија на Светското првенство за сценски уметности во Лос Анџелес. На овој настан, тој освоил злато во секоја категорија во која учествувал и вкупно наградата „Јуниорски светски танчер“. Во 2013 година ја освоил титулата „Австралиски танчар на годината“ на „Showcase Australian Dance Championships“ продуцирано од Австралиецот Питер Оксфорд (основач), по што Дамески ја освоил титулата „Rainbow Dance“ на САД во Лас Вегас.
Дамески бил гостин на детскиот фестивал за пеење „Златно славејче“ во Македонија, каде што снимил песна напишана специјално за него со наслов „Еден танц“. Премиерно се претставил и на „Свет на танцот“ (World Of Dance) на Ен-би-си.
Дамески во 2018 година се појавил во втората сезона на американското ТВ-шоу „Свет на танцот“ во кое завршил како второпласиран, каде што со своите извонредни кореографски способности ја воодушевил светски познатата пејачка Џенифер Лопез.
Тогаш тој својата кореографија на песната „Lay Me Down“ од Сем Смит им ја посветил на своите баба и дедо од Македонија.
„Оваа кореографија има специјално значење за мене затоа што им ја посветувам на моите неверојатни баба и дедо. Преселувањето на другата страна од светот за да ги следиш твоите соништа носи многу тешки моменти, а за мене еден од нив е што не можам да ги видам моите баба и дедо онолку често колку што посакувам. Јас сум ова што сум поради нив“, напишал тој на Инстаграм.
Во февруари 2025 година, Дамески беше претставен како главна машка улога во музичкото видео за песната „Abracadabra“ на Лејди Гага.
