Гостин кој присуствувал на свадбата на Бруклин Бекам и Никола Пелц ги потврдил тврдењата дека неговата мајка Викторија Бекам „несоодветно“ танцувала со него. Бруклин во соопштение објавено во понеделник вечерта на Инстаграм наведе дека неговата мајка „му го украла првиот танц“ на свадбата во 2022 година, пишува „Дејли мејл“.
Ставрос Агапиу, партнерот на британскиот диџеј Фет Тони кој настапил на свадбата, се огласил по изјавата на Бруклин. Во коментар на Инстаграм напишал: „Бев таму и е така, тој ја зборува вистината“. Коментарот подоцна бил избришан, а Агапиу потоа објавил: „Секоја чест за него што конечно проговори!“
Бруклин (26) во својата изјава навел дека „никогаш во животот не се чувствувал понепријатно или понижено“ откако Викторија „танцувала со него многу несоодветно“. Тој тврди дека неговата мајка „му го киднапирала првиот танц“ со сопругата Никола Пелц.
Тврдењата на Бруклин се спротивставуваат на официјалниот извештај за свадбата објавен од американскиот „Вог“. Според списанието, првиот танц на младенците бил на песната „Can’t Help Falling In Love“ од Елвис Присли. „Вог“ наведува дека Марк Ентони, пријател на Дејвид и Викторија, настапил подоцна навечер, околу 23 часот, и тогаш „Бруклин ја поканил својата мајка на сцената да танцува, а им се придружиле Дејвид и нивната ќерка Харпер“.
Ова е во спротивност со изјавата на Бруклин во која тој вели: „Марк Ентони ме покани на сцената, каде што требаше да имам романтичен танц со сопругата, но наместо тоа, мајка ми чекаше да танцува со мене“. Бруклин наведува дека неговите родители одлучуваат каква приказна ќе пласираат во медиумите.
Во долга изјава објавена во понеделник, најстариот син ги обвини своите родители, Дејвид (50) и Викторија (51) дека се обидуваат да го „уништат“ неговиот брак.
„Со години молчев и се трудев да ги задржам овие работи приватно. За жал, моите родители и нивниот тим продолжија да одат во медиумите, оставајќи ме без друг избор освен да проговорам за себе“, напиша Бруклин.
Тој додаде: „Не сакам да се помирам со моето семејство. Тие не ме контролираат, за првпат во мојот живот се залагам за себе.“
Бруклин тврди дека неговите родители ги контролираат наративите во медиумите и дека „брендот Бекам е на прво место“.
Бруклин, исто така, изјави дека Викторија го откажала правењето на венчаницата на Никола.
„Недели пред нашиот голем ден, моите родители постојано ме притискаа и се обидуваа да ме поткупат да се откажам од моите права на името“, напиша Бруклин.
Тој заклучи дека пораснал со „преголема анксиозност“ која исчезнала откако се оддалечил од своето семејство.
„Мојата сопруга и јас не сакаме живот обликуван од имиџ, медиуми или манипулации. Сè што сакаме е мир, приватност и среќа за нас и нашето идно семејство.“
