Жената која тврдеше дека е тајната ќерка на легендарниот музичар Фреди Меркјури почина на 48 години, потврдил нејзиниот сопруг. Жената, позната само по иницијалот „Б“, наводно е родена по аферата што пејачот на „Квин“ ја имал со сопругата на еден од своите блиски пријатели, пишуваат странските медиуми.
Нејзиниот сопруг Томас изјавил за „Дејли мејл“ дека таа починала „мирно, по долга борба со хордома“, ретка форма на рак што влијае на ‘рбетот. Таа оставила зад себе два сина, на возраст од девет и седум години.
Во емотивна изјава, Томас рекол дека Б „сега е со својот сакан и грижлив татко“, додавајќи дека нејзината пепел била расфрлана од ветерот над Алпите, според нејзина желба.
Според извештаите, Б тврдела дека имала многу блиска врска со Меркјури и дека тој ѝ бил посветен уште од раѓање. Наводно, само мал круг луѓе блиски до него знаеле за нејзиното постоење, а пејачот, како што се тврди, одржувал контакт со неа до неговата смрт во ноември 1991 година.
Тврдењата за тајно татковство се појавиле во книгата на биографката Лесли-Ан Џонс насловена како „Љубов, Фреди: Тајниот живот и љубовта на Фреди Меркјури“ (Love, Freddie: Freddie Mercury’s Secret Life and Love). Авторката тврди дека видела „докази“ што ја поддржуваат приказната на Б, а книгата е базирана на дури 17 рачно напишани дневници што Меркјури наводно ѝ ги дал само три недели пред својата смрт.
Во рачно напишано писмо, кое исто така е споменато во книгата, Б пишува: „Фреди Меркјури беше и е мој татко“. Таа наведува дека тие имале близок однос цел живот, како и дека тој ја обожавал и се грижел за неа. Таа, исто така, додала дека околностите на нејзиното раѓање можеби звучат „необично“ или „скандалозно“, но дека тоа никогаш не влијаело на неговата посветеност кон неа.
Б наводно живеела во Европа и работела во медицината, а контактирала со авторката во 2022 година, тврдејќи дека сакала да ја разјасни вистината по „повеќе од три децении лаги, шпекулации и искривувања“.
Таа нагласила дека одлуката да излезе во јавноста била исклучиво нејзина и дека никој не ја присилил. Според неа, Меркјури ѝ ги доверил своите белешки и дневници како „негово единствено дете и најблизок роднина“, во кои оставил запис за своите приватни мисли и сеќавања.
Во еден дел од писмото, таа опишала и колку неговата смрт ја погодила, признавајќи дека не сакала „да го дели својот татко со целиот свет“. Откако тој починал, рекла таа, морала да се справи со фактот дека приказната за Фреди станала јавна сопственост, додека таа тагувала во тишина како ќерка – заедно со милиони обожаватели низ целиот свет.
